Актуелниот шампион на Англија, Манчестер Сити, славеше на гостувањето во Лестер со 2:0, но пред една недела одиграа 1:1 против Евертон, на натпревар од 18. коло. Домаќинот тогаш дојде во водство со погодокот на португалскиот интернационалец Бернардо Силва, а гостите дојдоа до драгоцениот бод со погодокот на Илиман Ндијаје. По тој и по дуелот во Лестер, Сити e петтопласиран на табелата и има 14 бода помалку од лидерот, Ливерпул, кој, пак, има одиграно и еден натпревар помалку.
По неочекуваниот кикс против Евертон, навивачите на Сити ги исвиркаа играчите од трибините на „Итихад“, незадоволни од резултатите во последните два месеца. Легендарниот англиски напаѓач, Мајкл Овен, не сакаше да скрие дека е згрозен од однесувањето на навивачите: „Леле! Навивачите на Сити го исвиркаа својот тим на крајот од натпреварот. Години и години на неверојатни успеси, сведоци на еден од најдобрите начини на играње фудбал што ги видел светот. И кога на тимот му се најпотребни тие…“.
Овен е легенда на Ливерпул и добитник на „Златната топка“ во 2001 година. Во својата кариера играше и за Реал (М), Њукасл, Манчестер јунајтед и за Стоук сити. За репрезентацијата на Англија брзоногиот напаѓач постигна 40 гола на 89 натпревари.