Молдавија нема да учествува на овогодинешната „Евровизија“, која ќе се одржи во мај во швајцарскиот град Базел, одлучи молдавскиот јавен сервис ТРМ.
Водачот на молдавската евровизиска делегација, Корнелиу Дурнеску, рече дека Молдавија се повлекува од натпреварот по „деталната анализа на моменталната ситуација, вклучувајќи ги економските, административните и уметничките предизвици“.
Тој изјави и дека начинот на избор на молдавскиот претставник годинава ставил во центарот на вниманието многу проблеми, како што е незаинтересираноста од јавноста, како и квалитетот на апликациите и изведбите. Тој посочи дека изборите во Молдавија создаваат негативен имиџ во јавноста и професијата и дека е потребна голема реформа на изборниот процес.
Извршниот супервизор на „Евровизија“, Мартин Остердал, изрази жалење за ваквиот потег:
– Жалиме што ТРМ од Молдавија реши да не учествува на овогодинешниот натпревар. Ќе ни недостасувате! Драго ни е што гледачите во Молдавија сепак ќе можат да го следат преносот на ТРМ и многу се надеваме дека ќе им посакаме добредојде и следната година.
Молдавија ќе мора да плати казна за задоцнето повлекување. Сите радиодифузери имаа рок до 11 октомври 2024 година да се повлечат од натпреварот без да платат казна.