Германија веќе некое време не е „ветената земја“. Имено, локалниот пазар на труд се повеќе опаѓа, а особено е лошо во индустрискиот сектор, пишува економскиот институт ИФО, а пренесува магазинот Fenix.
Општиот индекс на очекувањата на работодавачите падна за навидум мали 0,3 поени, на 92,7. Сепак, сè под 100 поени укажува на негативен тренд, а индексот се лизга надолу со месеци.
„Ситуацијата е сè уште лоша и невработеноста ќе продолжи полека да расте“, рече главниот истражувач на ИФО, Клаус Вохрабе.
Најлошо е во индустријата која речиси без исклучок веќе две години крати работни места. Барометарот за индустриско вработување е на минус 21,7 поени. Во малопродажбата барометарот благо се помести нагоре, но сепак е во длабок минус од 12,9 поени. Во услужниот сектор падна на минус 2,8 поени. Барометарот во градежништвото и натаму е во негативна зона, на минус 1,8, но трендот во таа област е позитивен.
Општиот индекс и секторските показатели не можат директно да се споредат. Вкупната бројка е калибрирана на 100 поени во 2015 година, а економските сектори укажуваат на пресекот на компаниите кои имаат намера да ангажираат и оние кои планираат да отпуштат работници.
Според тоа, секторски индекс под нулата укажува на тренд на намалување на работната сила. Колку е алармантна ситуацијата покажуваат долгорочните бројки на ИФО. Со исклучок на трите најлоши месеци од пандемијата, од април до јуни 2020 година, индексот е помал само од декември 2009 година.