Традицијата продолжува! Големиот фестивал, кој досега исфрли голем број хитови и на чија сцена настапија голем број естрадни ѕвезди (Калиопи, Неда Украден, Тоше Проески, Биба Додева, Ристо Самарџиев, Горан Каран, Бојан Маровиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Принц од Врање, Мики Јевремовиќ, Зорица Конџа, Владо Калембер, Маја Оџаклиевска, „Нови фосили“…), ќе се одржи на 29 и 30 август, на свечената сцена во Долни Сарај, од која има прекрасен поглед на Охридското Езеро. Двете вечери директно ќе ги пренесува Македонската телевизија
Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури 2025“ и ова лето ќе ја разбранува нашата и балканската публика. Триесет и второто издание на големо се подготвува, а деновиве е распишан и конкурс за нови композиции. Овој голем фестивал, кој досега исфрли голем број хитови и на чија сцена настапија голем број естрадни ѕвезди (Калиопи, Неда Украден, Тоше Проески, Биба Додева, Ристо Самарџиев, Горан Каран, Бојан Маровиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Принц од Врање, Мики Јевремовиќ, Зорица Конџа, Владо Калембер, Маја Оџаклиевска, „Нови фосили“…), ќе се одржи на 29 и 30 август, на свечената сцена во Долни Сарај, од која има прекрасен поглед на Охридското Езеро. Двете вечери директно ќе ги пренесува Македонската телевизија.
Фолк-вечерта е на 29 август и освен новосоздадени фолк- песни од нашата земја, со свои нови композиции ќе можат да учествуваат и странски автори – од поранешна Југославија, но и од Европа. Интернационалната вечер е закажана за 30 август. Таа вечер, пејачите можат да настапат и со песни со кои веќе победувале изминатата година на фестивалите во своите држави. Годинава, фестивалот става акцент на дебитантите, охрабрувајќи ги да настапат на неговото 32. издание, и во Фолк и во Интернационалната вечер. Ова е извонредна шанса за промоција на дебитантите. „Охрид фест“ го следат повеќе од 15 телевизии од Балканот, што е извонредна можност за нивно медиумско промовирање. Како, на пример, минатата година, кога Принц од Врање, кој ќе ја претставува Србија на Песна на Евровизија оваа пролет, имаше блескав настап. Инаку, да потсетиме дека на охридската сцена, во 1998 година, Тоше Проески ја испеа убавата балада „Усни на усни“, започнувајќи го својот блескав интернационален музички пат.
Некои од условите за учеството на „Охрид фест – Охридски трубадури 2025“ се: да се испрати демо-снимка (со придружни инструменти, пијано и гитара) и текст на македонски јазик. Песната (за Фолк-вечерта) да не е никаде пред тоа изведувана. Јасно да се назначат податоците за авторите: име, презиме, авторската улога во тимот што ја подготвил песната за фестивалот.
На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори и пејачи што ќе ги пеат песните, а конкурсот е отворен до 1 јуни оваа година. Песните се испраќаат на мејловите: [email protected] и [email protected].
(Д. М.)