Одборот на директори на компанијата ЕЦА (Евролига комерцијални средства), која раководи со Евролигата, по состанокот со челниците на ФИБА, соопшти за иднината на европската кошарка.
Ова доаѓа по најавите за доаѓање на НБА-лигата на Стариот Континент и за тектонски промени во изгледот и функционирањето на европската кошарка. Токму поради тоа, Евролигата го истакна своето единство и нагласува дека останува посветена на својот проект, реформиран пред 25 години.
Беше констатирано дека Управниот одбор разговарал за најавеното формирање нова европска лига (во организација на НБА-лигата и на ФИБА) и беше истакнато дека челниците на Евролигата гледаат на ова ново натпреварување како на закана за традицијата на европската кошарка.
- Ваквиот развој на настаните може да биде ризичен и да доведе до поделеност и конфузија во спортот – се наведува во соопштението.
Со предупредувањето дека „ќе ѝ се спротивстави на секоја иницијатива што ги поткопува основните вредности на европската кошарка и интересот на навивачите“, Управниот одбор на Евролигата сака да разговара со сите страни за придонесот во развојот на европската кошарка.
- Одборот на директори на ЕЦА се состана во понеделникот, на 7 април, за да разговара за клучните теми што ќе ја обликуваат иднината на нејзините натпреварувања. Одборот уште еднаш изрази уверување дека ќе продолжи по успешниот пат на кој е веќе 25 години. Со текот на годините, Евролигата и Еврокупот инвестираа значителни ресурси и огромни напори во создавањето на најдоброто кошаркарско искуство за навивачите и во издигнувањето на европската клупска кошарка на рекордно ниво на интерес и комерцијален успех. Одборот на директори разговараше за предложеното создавање нова европска лига и го гледа тој потег како закана за долгогодишната традиција на европската кошарка. Таквиот развој на настаните би предизвикал ризик од поделеност и конфузија во спортот. Истовремено, Одборот ја нагласува својата отвореност за дијалог со која било страна што е фундаментално заинтересирана да придонесе за континуираниот развој на европската кошарка. Без разлика, тој останува цврсто решен да ѝ се спротивстави на секоја иницијатива што ги поткопува основните вредности, наследството и базата на навивачи на европскиот спорт и ризикува да ги остави лојалните навивачи зад себе. Дополнително, присутните на состанокот на Управниот одбор ги добија најновите информации и беа вклучени во стратешките дискусии за идната структура на натпреварувањето, како и за комерцијалните можности што се појавуваат – се вели во соопштението на Евролигата.