Ова е новата понуда на Трамп до Зеленски, Украинците се згрозени. „Тоа е грабеж“

1281

Соединетите Држави туркаат сеопфатен нов договор кој има за цел да ја преземе контролата врз клучните минерални и енергетски ресурси на Украина, без да му понуди на Киев никакви безбедносни гаранции за возврат – што претставува значителна ескалација на претходните барања.

Нацрт-договорот, кој беше доставен до Киев во неделата и беше разгледан од Фајненшл Тајмс, значително оди подалеку од првичниот економски договор постигнат минатиот месец. Договорот беше дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на руската инвазија на Украина и да ги врати милијардите долари што САД и ги испратија на Украина како воена помош.

Договорот ќе ги опфати сите минерални ресурси, вклучувајќи нафта и гас, како и клучните енергетски капацитети на целата територија на Украина.

Вашингтон бара Украина и САД да формираат надзорен совет кој ќе управува со заеднички инвестициски фонд, а приходите од украинските проекти за нафта, гас и рударство ќе бидат поделени меѓу двете земји. САД ќе имаат мнозинство во Советот, назначувајќи три од петте членови, што ќе им даде право на вето врз сите одлуки на фондот.

Во нацртот понатаму се наведува дека „американскиот придонес по целосната руска инвазија на Украина во 2022 година ќе се смета за придонес кон партнерството“. Американскиот министер за финансии Скот Бесент во средата изјави за Фокс њуз дека верува оти договорот би можел да биде потпишан веќе следната недела, пренесе Индекс.хр.

Но, тројца високи украински функционери изјавија за Фајненшл тајмс дека тоа е малку веројатно. Еден го нарече предлогот „неправеден“, додека друг го спореди со „грабеж“. Трет откри дека е ангажиран тим од правни експерти за да и помогне на владата да го анализира документот и да подготви контрапредлог. Првиот вицепремиер и министер за економија на Украина Јулија Свириденко изјави дека владата „работи на тоа договорот да ги одразува сите наши интереси и да е во духот на стратешкото партнерство со САД“.

„Верзијата што ја добивме во голема мера ги одразува ставовите и пристапот на американските правни експерти. Сега ја формулираме нашата позиција“, рече таа, додавајќи дека секој конечен договор мора да биде одобрен од украинскиот парламент.

Новиот предлог на САД ќе го замени претходниот рамковен договор за заеднички развој на украинските минерални ресурси, за кој Киев и Вашингтон се согласија минатиот месец. Тој претходен договор, според кој Украина ќе плаќа 50% од идните профити од минералните ресурси во заеднички фонд, никогаш не беше потпишан, откако пропадна средбата меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба.

ИЗДВОЕНИ