Екипата на Жалгирис има одличен старт оваа сезона во Евролигата, па по шест одиграни кола, е при самиот врв на табелата, со пет победи и со само еден пораз. Последниот тим што беше совладан беше екипата на Црвена звезда, но оваа победа остави голема дамка од судиите, кои му го подарија триумфот на литванскиот шампион.
Само еден ден по натпреварот, од Црвена звезда излегоа со соопштение, по контроверзниот пораз од Жалгирис во Каунас. Посочувајќи на низата одлуки донесени на штета на Црвена звезда во финишот, во кој главни ѕвезди беа судиите Џозеф Бисанг, Серхио Силва и Томаш Травицки, српскиот тим „распука од прва“.
- Кошаркарите на Црвена звезда Меридијанбет беа поразени од Жалгирис во Каунас, по драма, со 86:84, во рамките на шестото коло од Евролигата. Црвена звезда за малку ќе ги имаше продолженијата во свои раце, бидејќи Коди Милер-Мекинтајр постигна три поени, а потоа Данстон успеа да погоди за два и да му донесе побра на Жалгирис.
Кај Црвена звезда Меридијанбет се истакнаа Коди Милер-Мекинтајр и Урош Плавшиќ (9 скока) со по 16 поени, а двоцифрен беше и Немања Недовиќ со 15 коша, два скока и пет асистенции. Блиску до двоцифрен учинок беа Ајзеа Кенан со девет поени, два скока и асистенции и Никола Калиниќ, кој со исто толку поени имаше три скока и две асистенции.
И тоа е сè што ќе пишува во овој извештај за овој „натпревар“, кој е срам за Евролигата! Почнувајќи од судискиот критериум и бројните судиски одлуки, преку однесувањето на табелата на стрелците во текот на натпреварот, до срамната објава на „здружението на навивачи на Жалгирис“ пред натпреварот, што е речиси повик за линч?
Црвена звезда Меридијанбет веќе има „превид“ за втор натпревар во само 6 кола од годинашното издание на Евролигата, поради кој директно губи натпревари поради судиски одлуки – се вели, меѓу другото, во соопштението на Црвена звезда.
Тимот на Црвена звезда го игра следниот натпревар во Евролигата денеска, во „Пионир“, против Панатинаикос.