Ова е британскиот план за Украина, се чека „зелено светло“ од Трамп

2115

Британскиот премиер Кир Стармер ќе му претстави на американскиот претседател Доналд Трамп план за распоредување на нешто помалку од 30.000 европски војници во Украина, за да обезбеди американска заштита за оваа операција, пишува британски Телеграф.

Се очекува Стармер детално да објасни како европските сили би можеле да го следат евентуалниот договор за прекин на огнот со посредство на Трамп кога двајцата лидери ќе се сретнат во Вашингтон следната недела.

Според западните претставници запознаени со планот, премиерот ќе побара од Трамп да ги стави американските борбени авиони и ракети на подготвеност во Источна Европа, за да можат да одговорат со жестока сила доколку Русија ги прекрши условите од примирјето.

Планот, смислен од Обединетото Кралство и Франција, им беше претставен на европските лидери на итен состанок во Париз претходно оваа недела, откако Трамп започна мировни преговори со Владимир Путин.

Според овој план, европските сили ќе бидат стационирани далеку од линиите на фронтот, во украинските градови, пристаништа и критичните инфраструктурни објекти како што се нуклеарните централи.

Наместо голем контингент војници, мисијата ќе се потпира на технички надзор, вклучувајќи разузнавачки авиони, беспилотни летала и сателити, за да се добие целосна слика за ситуацијата на теренот.

Овој план не е далеку од она што го побара украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој побара 200.000 војници во мировна мисија како цена за потпишување мировен договор.

Сепак, Германија, Шпанија и Италија се против испраќање копнени трупи, така што европските опции за обезбедување на иднината на Украина се ограничени.

По разговорите во Париз, Стармер нагласи дека за таква операција ќе биде потребна „американска поддршка“ за да се одврати Русија од натамошна агресија.

Западните власти очекуваат Трамп да го прифати овој план, бидејќи не предвидува испраќање на американски копнени сили во Украина по завршувањето на војната.

Додека европските сили во Париз се обидуваа да ја дефинираат својата улога во мировниот процес, Зеленски и Трамп продолжија со острата размена на зборови.

Зеленски ќе зажали за изјавите за Трамп, предупреди потпретседателот на САД Џеј Ди Венс

ИЗДВОЕНИ