Шеснаесет паднати дрвја, едно повредено лице, три оштетени возила, седум откачени кабли од бандери и три однесени покриви е поголемата регистрирана штета што ја направи невремето во вторникот во Скопје. Најдраматично беше на булеварот „Свети Климент Охридски“, каде што од паѓање на огромно дрво (бор) беше повредена жена и беше оштетено паркирано возило.

На бројот 112 во Центарот за управување со кризи добиле повик од населбата Сопиште за паднато дрво, повици за четири паднати дрвја на локацијата Воен Базен на патот кон касарната во Аеродром, за големо, навалено дрво на улицата „Јуриј Гагарин“, за скршена липа, паднат орев, за оштетени покриви…

Читател на весникот ВЕЧЕР се јави во нашата Редакција да каже дека во саботата пријавиле во ЈП „Паркови и зеленило“ за навалено дрво покрај улица во населбата Водно. Оттаму им рекле дека ќе дојде екипа да го види дрвото и ако е за сечење, ќе побара дозвола од Град Скопје. Но, иако се поминати неколку дена, дрвото и натаму е на своето место и се заканува, при следно невреме, да падне на паркинг и да оштети автомобили.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве имаат полни раце работа. Оттаму велат дека секојдневно имаат од 20 до 30 интервенции, не сметајќи ја работата ноќе.

– Спиеме дома само по три часа за потоа повторно да се вратиме на работа. Ова е невиден хаос – велат работници од претпријатието што се ангажирани за расчистување на паднатите гранки и дрвја, најмногу во населбите Лисиче, Аеродром, Центар и во Геге во Општина Ѓорче Петров.  

Побаравме одговор од ЈП „Паркови и зеленило“ дали ќе имаат право на отштета повредената жена и сопствениците на возилата оштетени од паднатите дрвја, но до затворањето на весникот не добивме.

– И што сега?! Покрива ли обичното осигурување на возилата отштета од невреме или таа ставка џабе фигурира при регистрацијата, да се богатат овие осигурителниве компании? – прашува Сашо Г.

– Уплатата при регистрација е од автоодговорност и служи да ја покрие штетата направена при сообраќајка на трето лице. Овие штети се покриваат со друго КАСКО-осигурување без проблем, но не и од невреме и од други природни непогоди. Всушност, во судска постапка може да се наплати од одговорно правно лице, докажувајќи дека паднатите предмети врз автомобилот се поради лоша изведба на објектот од оној што го градел, изведувачот. Претходново, пак, е речиси невозможно – објаснува Љубе С.

Што им е дадено во вакви случаи, како законска можност, на оштетените граѓани од временска непогода. Според Законот за зеленило, одговорност за паднато дрво или гранка врз приватен имот, на пример, во Град Скопје има ЈП „Паркови и зеленило“. Се исплаќа отштета само доколку паднатото дрво или гранка претходно било маркирано за сечење.

Ако не е, тогаш не следува отштета, бидејќи се смета како штета под влијание на виша сила, односно како резултат на елементарна непогода: земјотрес, поплава, неповолни временски услови (ветер, дожд, снег, град, гром и друго), кои се утврдуваат врз основа на податоци од УХМР. ЈП „Паркови и зеленило“ нема одговорност за вакви штети.

За да има основ да поднесе барање, сопственикот на оштетеното возило треба да повика полиција, која треба да му издаде потврда како настанала штетата како последица од падната гранка или дрво и да има фотографии од самото место. Се врши и проверка дали паднатото дрво е во надлежност на Градот Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“ и дали има издадено решение за сеча од страна на Секторот за комунални работи на Град Скопје.

Доколку се исполнети овие услови, барањето се доставува до ЈП „Паркови и зеленило“, кое има склучено договор за осигурување од одговорност од дејност со осигурителна компанија. Со поднесување на пријава за штета, таму, сопственикот на оштетеното возило може да го оствари правото на надоместок, но не сите штетни настани се покриени со осигурувањето.

Бидејќи процедурата е многу сложена, многумина се откажуваат од долгата и исцрпувачка постапка со многу докажување. Затоа, на сите им преостанува да внимаваат каде ги паркираат своите автомобили при невреме што се најавува од УХМР – под обележано или необележано дрво на ЈП „Паркови и зеленило“.

Она што е вредно да се напомене е дека во делот за надоместок на штета во Законот за урбано зеленило не е уредено за ситуација кога ќе настане телесна повреда на лице од пад на исушено дрво или гранка, односно за надоместок на нематеријална штета, во ваква ситуација важат општите правила за надоместок на штета и Законот за облигациски односи.

Во изминатите 24 часа, најмногу дожд наврна во Гевгелиско – 46 литри на м2

Според мерните инструменти на повеќето плантажи во гевгелискиот крај, во изминатите 24 часа се наврнати 46 литри на квадратен метар, а не како што стои во информацијата на УХМР дека изминатото деноноќие најмногу дожд има наврнато во Дојран, 16 литри на квадратен метар, а најмалку во Пожаране и во Гевгелија, еден литар на единица површина.

Според радарските снимки од метеоцентарот Ѓуриште, врнежите во Гевгелиско биле најинтензивни во периодот од 15:45 до 17:30 часот.

Во Гевгелискиот Регион се забележани врнежи на град во Миравци и во Милетково, додека во градот и околината силното невреме нема причинето позначителни штети, освен некои поплавени улици.

Невремето што вчера ги зафати гевгелиското, струмичкото, валандовското и дојранското подрачје, најмногу штети предизвика во валандовското. Во Валандовско, силниот ветар, проследен со дожд и град, искорна и искрши дрвја, однесе повеќе покриви, откорна пластеници на земјоделски насади, урна соларни системи, а паднатите дрвја предизвикаа штети на повеќе автомобили. (Љ.А.)

(С.Бл. – А.П.) – Фото: Петр Стојановски