Секое општество по деценија-две од својот развиток, земајќи ги предвид промените во него доколку ги има, се решава да ги смени своите институции ако му изгледа дека не чинат, или со желба менувањето да значи напредок, особено ако не може да стори нешто друго поважно и поквалитетно. Така, сега во Велика Британија, откако пропадна ситуацијата со Брегзит, на дело се неколку големи промени во организацијата на општеството, а посебно е изразена амбицијата да се смени работата на образовните институции, што предизвикува големи возбудувања, и штета, во училиштата и во целиот систем на едукацијата. И во САД се развиваат разни форми на ново, поинакво од досегашното дејствување во институциите, па и во образованието. Затоа не е необично што и кај нас се јавија обиди и амбиции за менување на образовниот систем и дејствување на училиштата.
Како долгогодишен наставник во гимназии и факултети и во нашата земја и во околните држави, и соработник на Бирото за образование и на разни нови форми на образовната практика, заинтересиран сум за овие идеи, особено што бев сведок во една марксистичка („советска“) реконструкција на средното образование во поранешната федерална држава, со која средното образование се градеше како универзална трудова визија без исклучок, со која на младите им се наметнуваше вечна положба на работник на едно место. Како болен учесник во тој систем, по пропаста на тој режим, иако учесник во слободарските процеси кај нас, не можев да влијаам на комплетното унапредување на содржината на едукативната работа во нашите училишта, но сепак… Се радувам што во соседните земји е развивана успешна едукативна практика, а што можев и самиот да ја градам во училишните содржини и во факултетскиот развиток кај нас. Затоа сум заинтересиран и чинам можам да придонесам во расправата за изложената концепција за реформа на средното образование кај нас.
Гимназијата постои во Европа веќе 2 и пол илјади години од Платон и Аристотел. Исто така и во Кина. Принцот Александар Македонски (со чија личност и огромно културно дело се гордееме со паметникот во центарот на Скопје) учеше кај Аристотел, дури е сочувано писмо со кое му се пофалува на Големиот Учител, како е нарекуван овој филозоф, логичар и етичар, дека ја знае неговата наука. Главните Римјани учеа во атинската школа и на Родос. Во Александрија е развивана посебна школа, како и во Багдад и во Византија. Во Цариград учеле светите Кирил и Методиј за да станат градители на Словените. Нивните ученици светите Климент и Наум во својата Охридска школа ги поставија духовните темелите на македонската нација. Во ренесансата се гордееја дека се повратиле на најдобрата класична училишна традиција. Декарт и Кант, Ниче во Базел и Вилијам Џејмс во Харвард дејствуваа во духот на филозофското образование. ВМРО направи гимназија во Солун.
Гимназијата никој не ја оставаше настрана сè до Сталин и Берија, кои радосно го уништија нејзиниот дух. Станува збор за содржината на гимназиското образование. Тоа е концентрирано околу основните насоки на филозофијата, логиката и етиката. Тоа едуцира млади за да бидат личности и градители на светот и на своите општества. А за тоа е нужна свеста, која се гради од филозофијата, знаењето и научниот дух, кои ги разјаснува логиката, и моралот како смисла на опстојбата, кој го изложува етиката. Колку овие нешта се суштествени за живеењето и денес покажуваат настојувањата на УНЕСКО и на Одделот за филозофија и етика на оваа светска организација, на која и ние и припаѓаме и која бара од нас да дејствуваме за нејзината слава. Имено, може да работиме и вон од нејзините предлози, но УНЕСКО објаснува дека тоа ќе биде за наша штета, зашто учењето филозофија, откако пропадна Советскиот Сојуз, кој на тоа се противставуваше, сега е слободно бидејќи е школа за демократијата и за младешката слобода, а учењето етика е новиот пат за разбирање на разновидноста на светот и на смислата на моралот, како и на нужната биофилија, која е услов за опстанокот и развој на човештвото. Истовремено во светот се развиени сознанијата и се случи бележит технички подем, што ја изгради логичката наука дури над учењата на Аристотел во „Органонот“.
Во 1968 година прв кај нас во гимназијата „Георги Димитров“ предавав математичка логика (Булова алгебра) и на младите им ги претставив тогашните компјутери како ново откритие и алат, пред да настанат персоналните компјутери. Врз основа на тие сознанија кај нас е воведена симболичка логика. Денес сите имаат компјутери дома и во училиштата, светот разви нов вид комуникација, чии сме сведоци и учесници, се градат роботи во продукцијата и за животните потреби, а светот е тргнат кон AI култура, во чие творештво и развиток учествуваат и младите од нашата земја. Затоа со пригодни зборови ќе ги објаснам сушноста и смислата на Филозофијата, Логиката и Етиката, за да не се пропуштат и заборават при спроведување на оваа образовна концепција, која има големи амбиции.
ФИЛОЗОФИЈАТА е срцевина на средното образование – како база на науката и на сознанијата за човештвото и за живеењето воопшто. Човекот не е создаден без смисла и несвесно. Тој опстојува како личност и како социјално суштество во својата земја и низ општите заедници во современиот свет. Филозофијата учи низ идеите и личностите на светскиот дух како човекот и човештвото го разбирале и го разбираат светот и својата опстојба. Таа е учителка на животот, за УНЕСКО градителка на демократијата како суштина на слободата. Од Талес, со насетувањата на смислата на водата, до Симона де Бовоар, со феминистичките објаснувања, младите можат да ја следат линијата на умствениот развиток од Демокрит, Платон, Исус Христос, Абелар, Русо, Хегел до Фројд, за идејата на еволуцијата како општа теорија да ја вградат во современите сознанија од Маркс за можното објаснување на човечката егзистенција.
ЛОГИКАТА ја открива душата на човечкиот ум. Овој е прекрасно тело од безбројни клетки на човечката сила. Низ логиката младите доаѓаат до сознанија за своите потенцијали и за единството во светот, кој изгради методи, апарати и сили на комуникацијата и на знаењето. Со логичките сознанија се градат како единки и ја шират сликата за космосот и светот. Компјутерите создаваат блесок, техно-културата цути, а новите AI процеси ќе ги восхитат младите умови. Со логиката им се отвора светот на младите, кој ќе биде ново место за живеење и сопствена реализација.
ЕТИКАТА е нужна појава на определбата и на задачите на човекот. Без етика животот ја губи смислата, таа го учи човекот на емпатија и на сомилост, без кои опстанокот е слепо живуркање. Тоа е смисла на човечкото постоење како личност и како заедници, како основа за учењето, работењето, самоградбата, љубовта, за создавањето семејство, за градењето и чувањето на изграденото од нас и од сите други, за обврзноста на достоинството и на чувањето на сите. Природата бара чување, љубовта за живото е основа за опстојбата, убавините се трепети на душата и инспирација за одење напред. Биоетиката е нов повик на човечкиот род за унапредување на внатрешниот повик од земјата и од целата историја. Без етика не ќе ја биде. Така се открива смислата на ова размислување и на нужноста на добрата изградба на младите низ образовниот процес. Светот ја очекува секоја генерација со нетрпение, но таа треба да биде духовно свесна и опремена со знаења за опстојбата и со себеконтрола.
Основните содржини на гимназиското образование како филозофијата, логиката и етиката се нужни и незаобиколни. Младите се јатка на постоењето, но таа треба да биде изградена и опремена со свест, дух, со основно разбирање и знаења, со себепочитување и љубов за градењето и работењето. Во таа смисла се овие размислувања и објаснувања.
(авторот е професор по Етика и Естетика на Филозофскиот факултет во Скопје, во пензија)