ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево доби сензорна соба која денеска беше отворена на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември.
Оваа соба е наменета за поддршка на децата со попреченост и нивното целосно интегрирање во образовниот процес.
Дополнително, Општина Кисела Вода направи уште еден значаен чекор со потпишување на договор со Филозофскиот факултет, преку кој стручни кадри во ќе нудат бесплатна помош за децата со попреченост, обезбедувајќи им индивидуален пристап и поддршка.
-Сензорните соби, каква што отвораме и во ООУ „Рајко Жинзифов” во Драчево, овозможуваат мултисензорно искуство за децата, со што се поттикнува нивниот когнитивен, емоционален и физички развој – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој информираше и дека во дворот на ова училиште во завршна фаза е изградбата на инклузивна училница на отворено, прва од ваков вид во општината.
– Инклузивните училници се дизајнирани да ги задоволат потребите на сите ученици, овозможувајќи им на децата со посебни образовни потреби да учат заедно со своите врсници. Оваа училница ќе биде опремена со дидактички материјали и предмети од секојдневниот живот кои поттикнуваат креативност, моторика, сетила и когнитивни способности – наведе Ѓорѓиевски.
Тој потсети и на отворањето на бесплатниот дневен центар за децата со церебрална парализа, дневниот центар за лица со попреченост, на обезбедувањето на тактилни патеки, Брајово писмо и други услуги за лицата со оштетен вид, како и рампи во објектот на општината.
-Воедно, Кисела Вода е првата општина која има целосно инклузивно основно училиште, а отвори и целосно инклузивна јавна детска градинка. Со сите вакви и слични проекти, постојано докажуваме дека веруваме во правото на секое лице за достоинствен живот – потенцираше Ѓорѓиевски.
Во ООУ „Рајко Жинзифов“ има вкупно 16 ученици со попреченост.