По децении без соодветни спортски услови, населбата Пинтија за првпат доби затворена спортска сала – современ простор кој ќе овозможи квалитетна настава по физичко образование и подобри услови за спорт и рекреација.
Со површина од 350 квадратни метри, салата ќе им служи на учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ и на сите млади спортски таленти од оваа населба. Таа го носи името на Александар Стојчев – храбриот бранител од Пинтија кој го даде својот живот за татковината во 2001 година. Од Општина Кисела Вода велат дека на овој начин, неговото име и дело остануваат трајно врежани во колективната меморија на оваа заедница.
– Овој проект е доказ за нашата посветеност на унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри можности за младите. Со отворањето на оваа сала не само што создаваме подобри услови за младите, туку и испраќаме јасна порака – Пинтија се развива како никогаш досега- изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Изградбата на салата е реализирана со поддршка од „ТИТАН Цементарница Усје“.