Во домот на културата „Билјана Беличанец“, во Кисела Вода, денеска беше отворена канцеларија за социјална поддршка на млади брачни парови од општината. Оваа канцеларија е прва и единствена од ваков вид во Македонија и ќе овозможи бесплатна стручна поддршка и совети за надминување на тешкотиите и одржување на здрава комуникација помеѓу идните брачни двојки, што е клучно за стабилноста на секое семејство.
– Здружението на социјални работници го обезбеди професионалниот тим, додека општината, просторот во домот на култура „Билјана Беличанец“. Ова е единствена можност во Македонија каде што младите брачни парови можат да добијат бесплатна и стручна поддршка за навремено справување со предизвиците во нивните односи – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со претседателката на Здружението на социјални работници, проф. д-р Светлана Трбојевиќ, присуствуваа на отворањето на канцеларијата.
Ѓорѓиевски додаде дека стручниот тим во оваа канцеларија ќе им помогне на младите брачни парови да се справат со секојдневните проблеми, да ги решат предизвиците на заемното разбирање и да создадат основа за силен, стабилен и среќен дом.
Канцеларијата ќе работи два дена во неделата, секоја среда од 16 до 20 часот и сабота од 10 до 16 часот, по претходно закажани средби на телефонскиот број 02/3212690, што овозможува да се пристапи кон секое семејство индивидуално и со целосно внимание. Термините се закажуваат во понеделник од 10 до 12 часот.