Обвинителството отвори истрага за измамите со „брзите кредити“ во кои со украдени лични податоци група криминалци подигнувале пари од финансиски друштва и без знаење задолжувале граѓани на кои подоцна им доаѓале извршители за наплата на долгови. Кривично ќе се гонат 43 лица кои правеле компјутерски измами, фалсификувале лични карти и краделе податоци од Фондот за здравство.
„За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е поведена истрага за кривични дела – фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци, компјутерска измама, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно, стои во соопштението на ОЈО.
Неодамна, весникот ВЕЧЕР пишуваше за измамник од соседството кој бил фатен во небрано, на банкарски шалтер, во обид да подигне пари. Во моментот кога службеникот го прашал која е неговата адреса на живеење, измамникот чија слика стоела на личните податоци, панично избегал во страв од алармирање за фалсификуваната исправа. Тоа е само еден од случаите што ѝ се познати на јавноста за подигање кредити или пари од шалтер со лажни лични документи. Според нашите сознанија, најчесто го прават тоа лица, неретко жени, од Косово и од Бугарија, со вешто испечатени лажни документи со слика од измамниците, а со украдените податоци од некој недолжен граѓанин.
Обвинителството тврди дека во предистрагата обезбедиле докази дека осомничените краделе идентитети и подигнувале брзи кредити од јули 2022 година. Криминалците успеале да подигнат вкупно три милиони денари или близу 49 илјади евра од експозитурите низ државата.
-Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените, на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства, се опишува дејството на криминалците од обвинителството.
Но, зад секој успешен криминал, праксата во земјава покажала дека стои и човек од државната администрација, па така истрагата опфаќа и вработен во Фондот за здравство.
-Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и еден осомничен – службено лице вработено во Фондот за здравствено осигурување, ставајќи им средства на располагање, односно здравствен број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот, објаснуваат од ОЈО
Осомничените во еден ден подигнувале и по неколку „брзи кредити“ од различни друштва, а потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел им ги давале на организаторите. Обвинителството од Основниот суд побара мерка притвор за тројца кои се сомничат дека се организатори на измамата. (П.А.)