Отворен пат и исчистен манастирот „Свети Архангел Гаврил-Манастирец“

75

Неколку десетици доброволци од локалните дримколски села: Модрич, Луково, Нерези, Прискупштина, Безово, Јабланица изминатиов викенд успешно ја спроведоа и завршија работната акција за отворање пат и чистење на манастирот „Свети Архангел Гаврил – Манастирец“.

– Акцијата вклучуваше отворање на пристапен пат и израмнување на површината околу остатоците од некогашниот монументален храм, кој со текот на времето беше целосно обраснат и тешко пристапен. Со помош на трудољубивите раце на доброволците, внатрешноста на храмот беше целосно исчистена од растенијата и камењата, со што се стигна до рамна основа. Оваа задача е дел од сеопфатните работни дејности за оспособување на просторот за извршување на богослужба – соопштија од Бигорскиот манастир.

Оттаму додаваат дека не изостанала помошта и на благочестивиот Новче Чавкоски-Ноче, кој самиот работејќи со специјални дигалки, многу помогнал за изнесувањето на камењата од внатрешноста на храмот. Драгоцена била помошта и на Борче Марковски од Битола, кој обезбедил специјална механизација и стручен тим.

Првата Божествена Литургија во манастирот „Свети Архангел Гаврил – Манастирец“ е предвидена за 26 јули годинава, на празникот Собор на Свети Архангел Гаврил, кога била, всушност, главната слава на манастирот.

Во иднина е планирано и возобновување на манастирот, доколку за тоа се обезбедат соодветни средства.

-Затоа, секој придонес во иднина, без оглед на големината, е добредојден, бидејќи ќе ни помогне во обезбедување на неопходните материјали и ресурси за возобновувањето на древниот манастир во Долни Дримкол, метох на Свештената бигорска обител – порачуваат од Бигорскиот манастир.