Под мотото „Заиграј со нас“, Општина Ѓорче Петров организираше отворен ден на час по физичко и здравствено образование под мотото на кој учествуваа деца со типичен и атипичен развој.
Поводот за овој настан беше одбележување на 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
-Низ низа активности кои вклучуваат стимулација на физичкиот развој, социо- емоционалниот развој, ориентација, координација, прецизност, брзина, рамнотежа и визуелна интеграција, уште еднаш покажавме дека сите деца, без разлика на нивните способности, заслужуваат поддршка и можност за напредок. Овој ден не потсетува дека интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на животот – политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот, не е само наша обврска, туку и наша заедничка придобивка. Секој ден е можност за поддршка, но 3 декември е денот за гласност и посветеност – изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните во спортската сала „Христо Батанџиев“.
Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува секоја година, со цел да поттикне разбирање за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и да ја мобилизира поддршката за нивното достоинство, права и благосостојба.