Отстранети 70 напуштени и хаварисани возила во Центар

35

Од јавните површини на територијата на општина Центар отстранети се вкупно 70 напуштени и хаварисани возила во рамки на акцијата, која општината ја спроведува во соработка со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и МВР.

Притоа, општинските служби поставиле опомени на 95 возила, од кои 30 биле подигнати од пајак-службата на ЈП ПОЦ, 20 биле отстранети од сопствениците, а дополнителни 20 возила биле дислоцирани по телефонска пријава од граѓаните.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека целта на акцијата е да се расчистат јавните простори, паркинг местата, тротоарите и другите површини од возила кои со години скапуваат и пропаѓаат.

Тој апелираше до сите граѓани да ги пријават или сами да ги отстранат возилата кои не се во употребна функција или возна состојба.

-Возилата ќе бидат бесплатно транспортирани во депото и ќе им биде направена проценка согласно откупната цена за старо железо – информираше Герасимовски.

Граѓаните можат да пријават хаварисани возила на бесплатниот телефонски број 076 350 767.

Од Општина Центар информираат дека акцијата ќе продолжи со несмален интензитет, со што ќе се ослободи простор за нови паркинг места и ќе се создаде поуредена и почиста средина за сите граѓани.

 

ИЗДВОЕНИ