Отстранети 330 кубни метри отпад од диви депонии во неколку скопски општини

43

И во текот на изминатите неколку дена, ЈП Комунална Хигиена
реализираше низа вонредни активности за подигнување и транспорт на отпад од диви депонии на повеќе локации во градот Скопје.

Отстранети се приближно 330 кубни метри непрописно одложен кабаст, градинарски и мешан комунален отпад во близина на СЦ „Борис Трајковски“ и во населбата Трнодол, во скопската општина Карпош, на улиците: „Никола Пушкаров“, „Христо Батанџиев“ и „Лука Геров“, во општината Ѓорче Петров, на улиците: „ Џон Кенеди“, „Вуковарска“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“ во општината Чаир, како и на улиците: „Февруарски поход“, „Коста Новаковиќ“, „Анастас Митрев“ и „Васко Карангелевски“, во општината Аеродром. Повторно е интервенирано и на булеварот „Никола Карев“, во непосредна близина на Амбасадата на САД.

Отстранетите диви депонии се лоцирани околу контејнерите наменети за одлагање комунален отпад, а се создаваат во периодот кога садовите се сосема празни и отпадот може да се одложи во садовите.

Градот Скопје и ЈП Комунална Хигиена повторно апелираат да престане тенденциозното непрописно и несовесно исфрлање отпад на јавни површини, што директно придонесува за загадување на животната околина и го загрозува јавното здравје.