Соборениот сириски диктатор Башар ал Асад, кој со семејството е во Москва откако бунтовниците ја презедоа контролата врз Сирија, наводно е отруен, јавуваат руските медиуми.
Според тврдењата, труењето делува како обид за атентат врз Асад, кој беше евакуиран во Русија по лична наредба на претседателот Владимир Путин.
Во текот на викендот, Телеграм каналот General SVR, наводно управуван од поранешен висок руски разузнавач, објави дека Асад почнал да се чувствува лошо во неделата, жалејќи се на проблеми со дишењето. Според извештајот, поранешниот сириски претседател веднаш потоа повикал лекарска помош, но неговата состојба се влошила. Наводно почнал да кашла и да се гуши, а подоцна почувствувал главоболка и стомачни болки. До доаѓањето на лекарскиот тим, неговата здравствена состојба беше сериозно нарушена.
Веста за неуспешниот обид за атентат против него излегува на виделина во време кога се шират гласини дека неговата сопруга Асма Асад бара развод, изразувајќи желба да се пресели во Лондон.
Изворот на кој се повикува рускиот „Генерал СВР“ смета дека „постојат сите причини да се верува дека е извршен обид за атентат врз соборениот лидер на Сирија“.
Асад бил лекуван во неговиот стан и неговата состојба се стабилизирала во понеделникот, јавува рускиот информативен канал.