Главната иницијација е отповик на градоначалник, со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.
На консултативен настан во Битола на кој учествуваа градоначалници од Пелагонискиот и Југозападниот Регион, министерот Перински нагласи дека со новото законско решение ќе се модернизира актуелниот Закон за локална самоуправа.
– Станува збор за системски Закон за кој што се потребни две третини од Собранието и секако Бадентер за негово донесување. Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа. Сфативме дека актуелното законско решение треба да се модернизира и адаптира врз основа на модерните услови на живеење. На овој начин ќе се превенираат девијантни појави на мала група граѓани коишто секојдневно несоодветно депонираат и одлагаат отпад, несоодветно постапуваат со урбаната опрема за која што локалните самоуправи издвојуваат значајни средства од своите буџети и во таа смисла сакаме да го коригираме и превенираме тоа однесување за да имаме поубаво место на живеење – изјави Перински.
На првиот консултативен состанок со градоначалници, други претставници на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, министерот за локална самоуправа истакна дека предлозите за измени во Законот за локална самоуправа се одвиваат во транспарентен, инклузивен и јавен процес во кој се вклучени сите засегнати страни.
– Верувам дека само преку вака отворен процес ќе можеме да ги подобриме и зголемиме квалитетите на услугите што се испорачуваат од локалните самоуправи кон граѓаните, а со тоа ќе го подигнеме нивото на секојдневното функционирање на самите локални самоуправи. Овој процес е безрезервно поддржан од УНДП и швајцарската влада преку амбасадата на Швајцарија. Убеден сум дека ова системско решение ќе го подобриме и ќе ги подобриме условите во кои функционираат локалните самоуправи – посочи Перински.
За потребата од измени и дополнување на Законот за локална самоуправа, свои стручни мислења искажаа експертите Мемет Мемети, Гордан Ѓоргиев и Александар Спасеновски.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски вели дека или немаат ингеренции за да дејствуваат во дел од ваквите девијантни однесувања или пријавите тешко се процесуираат низ правниот систем.
– Се соочуваме со огромен број проблеми. Со нашето доаѓање пред три години се обидовме да ангажираме луѓе и од постојниот капацитет на локалната самоуправа, но и надворешни кои беа добро брендирани и означени, за да направат ред околу пазарите, продавањето на улица земјоделски производи, депонирањето отпад и друго, немаат ингеренции и луѓето знаеја дека не можат да постапат ефикасно, па акцијата доживеа неуспех. Се трудиме со нашиот Инспекторат, но се соочуваме со луѓе кои знаат дека нема да бидат казнети или тешко оди тоа процесуирање низ сиот систем – истакна Коњановски.
Тој додаде дека Одделението за комунална инспекција во Битола опфаќа и други инспектори, како градежни и брои шест до седум вработени лица, но проблем е недостатокот на ингеренции.
Законот за локална самоуправа е стар 20 години и потребни се негови измени за се подобри квалитетот на локалните услуги.
Од Битола тргнаа консултативните средби со граѓани и претставници на локалните самоуправи, за на транспарентен начин да се слушнат предлозите и на крајот да се подготват добри законски решенија. Процесот е поддржан од Програмата за развој на Обединетите акции (УНДП) и Швајцарската амбасада.