Отпадот во општина Чаир се собира без никаков застој

17

Од јавното претпријатие Комунална хигиена велат дека целосно се невистинити информациите поврзани со нивните активности во општина Чаир.

-Би сакале да напоменеме дека на територијата на општината Чаир, ЈП Комунална хигиена секојдневно го собира и транспортира комуналниот отпад без никаков застој, согласно динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје.  За жал, во последниов период е забележана зачестена појава на непрописно одлагање кабаст и мешан комунален отпад во непосредната околина на контејнерите поставени во оваа скопска општина, најчесто кога контејнерите се сосема празни и не постои никаква пречка отпадот да се одложи во внатрешноста на садовите – нагласуваат од претпријатието.

Оттаму истакнуваат дека во текот на изминатата година биле подигнати  22. 194 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје, од коишто најголемиот дел бил отстранет токму во општината Чаир. Еко-патролата на Претпријатието во текот на 2024 година врачила 334 записници на лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад, од коишто дури 138 во општината Чаир.

При тоа, од Комунална хигиена прашуваат: Колку казни за прекршителите на Законот за јавна чистота врачиле комуналните инспектори при општината Чаир?

Тие ја информираат јавноста дека на 18 април 2025 година, на улицата „Џон Кенеди“, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“ целосно биле опожарени десет пластични контејнери со зафатнина од 1,1 кубни метри.

-Случајот е пријавен кај најдлежните органи и сторителите не се пронајдени, додека ЈП Комунална хигиена сите опожарени контејнери ги замени со сосема нови садови, за да не дојде до нарушување на динамиката на одлагање и собирање комунален  отпад во општината Чаир – соопштија од претпријатието.

 

ИЗДВОЕНИ