Да се интензивира откупот на тутунот и со анекс во договорите да се зголеми откупната цена и просечно да изнесува околу 420 денари, побара Сојузот на тутунските здруженија на средбата со откупувачите во земјава. Кире Ристески, претседател на Сојузот, најави дека веќе од понеделник откупот ќе се интензивира, но откупувачите молчат на барањето за зголемување на цената.

– Педесет отсто од откупните пунктови во земјава ќе се отворат и ќе се интензивира откупот на тутунот. Засега, не се знае само кога Прилепскиот тутунски комбинат ќе го почне откупот. На средбата, на откупувачите им го поставивме барањето за зголемување на цената во просек да изнесува 420 денари, но откупувачите мудро молчат и не се изјаснуваат. Ние не се откажуваме од барањето со анекс на договорите да се зголеми цената, но како што стојат работите, тоа ќе ја отежни откупната кампања – изјави Ристески.

Од 18 ноември досега се откупени околу 20 тони тутун по просечна цена од околу 370 денари за килограм.

– На откупувачите им нагласивме дека се во заблуда да очекуваат над 20.000 тони тутун од реколтата, зашто реално родот е околу 16.000 тони. Остануваме на барањето за повисоки цени. Предлог имаме доставено до Секторската подгрупа при Министерството за земјоделство да се има предвид можноста во наредниот период да има пренамена на површините со други култури и нивно субвенционирање. Со тоа откупувачите ќе загубат, а ние како производители може да продолжиме со производство, но на други култури – рече Ристески.

Тој нагласи дека како Сојуз го имаат доставено предлогот до потсекторската група и годинава линеарното субвенционирање да биде 100 денари.