Секоја година се откриваат различни предмети кои имаат голема историска вредност. Така, минатата година еден градежен работник открил голо мермерно божество скриено пред околу 1.600 години, историчар на уметност пак, забележал исчезната слика додека прелистувал на социјалните мрежи, а возач на багер откопал збунувачки древен римски предмет

 

Златни прстени, килибарни и стаклени перли, златни фолии со различни форми и декорација, сребрени игли, бронзен шлем… се само мал дел од ексклузивните наоди откриени во ноемврна 2024 на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко. Македонските археолози посочија дека се работи за импозантната гробница од 6. век пр. н. е., а која според својата ексклузивност ги надминува сите познати на Балканот. Минатата година беше богата со археолошки и уметнички откритија и во останатите делови од светот.

Римски додекаедар

Во Англија е пронајден римски додекаедар, еден од најголемите откриени, со дијаметар од 7,6 сантиметри. Го пронашол тим археолози аматери од групата Norton Disney History and Archaeology. Предметот е неоштетен, а неговата намена останува мистерија. Експертите веруваат дека би можело да е религиозен објект, иако нема слики или описи кои го потврдуваат тоа. Некои шпекулираат дека се користел за церемонии или за мерење на растојанија. Овој артефакт отвора нови прашања за римската култура, нивните ритуали и секојдневниот живот.

Изгубениот валцер на Шопен

Кустосот на Morgan Library & Museuma во Њујорк, Робинсон Меклелан, откри непознат валцер од Фредерик Шопен. Ракописот со големина на разгледница датира од младоста на композиторот, кога тој бил во дваесетти години. Веројатно бил наменет како подарок, но не бил потпишан, што укажува на тоа дека Шопен се предомислил или не сметал дека е завршен. Ова откритие предизвика голема возбуда во светот на класичната музика бидејќи е првото непознато дело на Шопен пронајдено по речиси еден век.

Вештерски графити во Англија

Апотропејски знаци од 17 век, познати и како „вештерски графити“, се откриени на ѕидовите на тудорска курија во Линколншир. Откритието му се припишува на волонтер од English Heritage кој ги забележал овие симболи додека го истражувал историскиот локалитет. Овие симболи, кои вклучуваат кругови за „фаќање демони“ и преклопување на буквите „V“ како апел до Дева Марија, ги откриваат суеверија од тоа време. На ѕидовите на крилото за послуга се откриени и симболи, што говори за верување во натприродна заштита.

Портрет на Пикасо пронајден во подрум

Италијанско семејство во подрумот на својата куќа пронашло слика на Пикасо, вредна шест милиони евра. Платното, кое прикажува асиметрично насликана жена во син фустан, висело во нивниот дом со децении пред да биде потврдено како оригинал. Синот на семејството, Андреа Ло Росо, го иницираше процесот на автентификација и беше потврдено дека сликата е дел од серијата портрети на Дора Маар, љубовницата на Пикасо. Сликата по нејзиното откривање дури била измиена со детергент, што можело да ја загрози нејзината вредност.

Литографии од Салвадор Дали

Во Лондон се пронајдени 10 литографии на Салвадор Дали, заборавени во гаража повеќе од 50 години. Тие беа откриени од аукционерот Хансонс Ричмонд за време на рутинска проценка на антиквитети. Овие литографии, купени за време на затворањето на галеријата во 1970-тите, се продадени на аукција за повеќе од 25.000 долари, покажувајќи колку уметничките дела можат да бидат вредни.

Мермерна статуа на Хермес од канализација

Во Бугарија, при ископувањето на античкиот град Хераклеја Синтика, е пронајдена  мермерна статуа на Хермес висока 2,1 метар. Ја пронашле бугарските археолози кои го воделе ископувањето. Се верува дека била затрупана во канализацијата по земјотресот во 388 н.е. за да се заштити од уништување. Овој извонредно добро сочуван примерок на грчка уметност сведочи за состојбата на градот и неговиот пад по природна катастрофа.

Дахшур некропола

Гробница стара 4.300 години, позната како мастаба, е откриена во Дахшур, Египет. Таа му припаѓала на управителот Сенеб-небеф и неговата сопруга Идут. Ископувањата ги водеа археолози од Германскиот археолошки институт во Каиро, а овој локалитет го истражуваат од 1976. Извонредно добро сочуваните фрески прикажуваат сцени од секојдневниот живот, вклучувајќи земјоделски активности и домашни сцени, обезбедувајќи вреден увид во културата на Старото Кралство.

Римска статуа на градилиште

Градежен работник во Англија открил глава на римска статуа на жена при изградба на паркинг на имот од 16 век. Две недели подоцна, археолозите го пронајдоа и телото на скулптурата. Се претпоставува статуата е донесена од Италија во 18. век, но останува мистерија зошто е закопана.

Кармин од бронзено доба

 

 

 

Шише старо 4.000 години со црвена мешавина од минерали е откриено во југоисточен Иран.

Оваа мешавина, составена од хематит, восок и растителни состојки, беше откриена за време на ископувањата предводени од ирански истражувачи.

Се смета за најстар научно документиран кармин.

Анализите покажуваат дека рецептот е изненадувачки сличен на модерните производи.

 

 

 

 

Пештерска уметност на Јужна Америка

Најстарата позната пештерска уметност во Јужна Америка, стара 8200 години, е откриена во Аргентина и Чиле. Го пронашле археолози од двете земји за време на истражувањето на пештерата Хуенул 1. Овие дела содржат цртежи на ловци собирачи и ја покажуваат нивната уметничка вештина и комуникација. Научниците веруваат дека понатамошното истражување може да открие уште постари примери на уметност.

Остатоци од вилата на Плиниј

Во Неапол, при изградба на детско игралиште, откриена е луксузна вила стара 2000 години, за која се верува дека му припаѓала на Плиниј Постариот. Вилата има тераси со поглед на Неаполскиот залив, а дел од неа е покриен со море поради вулканска активност. Плиниј Постариот бил познат римски натуралист, писател и воен командант кој го посветил својот живот на проучување на природата и науката. Тој починал во 79 година за време на ерупцијата на Везув, додека водел спасувачка мисија во близина на Помпеја. Експертите веруваат дека подлабоките слоеви на оваа вила може да откријат уште повеќе соби и фрески.

 Исчезнатиот портрет на Тјудор

Портрет на Хенри VIII е пронајден во Ворвикшир користејќи фотографија од прием. Го идентификувал Адам Бусијакиевич, британски истражувач на уметност, прегледувајќи ги фотографиите на социјалните мрежи. Експертите го поврзаа со познатиот сет на Шелдон од 22 портрети од 16 век, повеќето од нив изгубени. Откритието ја потврдува важноста на приватните колекции во истражувањата.

Еротски фрески во Помпеја

Во Помпеја е откриена куќа со еротски фрески кои прикажуваат митолошки сцени и богови, како што се Венера и Адонис. Тие беа откриени од италијански археолози за време на систематските ископувања на централниот кварт Помпеја. Фреските, кои се изненадувачки добро сочувани, покажуваат дека дури и помалите домови би можеле да бидат богато украсени, како одраз на вкусот и митолошките верувања на Римјаните.

Парче свиток од Херкуланеум

На јагленисаните свитоци од Херкуланеум, со помош на вештачка интелигенција, откриени се фасцинантни детали за последните моменти од животот на Платон. Италијанските истражувачи анализирале текстови кои откриваат дека тој бил погребан во тајната градина на неговата Академија, во близина на светилиштето. Свитоците даваат нови сознанија за неговиот филозофски круг и традициите на неговите студенти.

ИЗДВОЕНИ