Под слоганот „Откриј го Националниот парк „Маврово“, НП „Маврово“ ја започна својата најнова кампања за подигнување на свеста за зачувување на природата и за промоција на природните и културните вредности на паркот.
Како најголем национален парк во Македонија, „Маврово“ е дом на ретки природни богатства, автентични пејзажи, разновиден биодиверзитет и на еден од највпечатливите жители на природата во регионот – балканскиот рис.
Оваа кампања има цел да ги реафирмира вистинските вредности на НП „Маврово“, неговите природни богатства и потребата од нивно зачувување.
Во следниот период, кампањата ќе информира за значењето на националниот парк и за неговата улога во заштитата на биодиверзитетот, ќе промовира одржливи туристички практики и ќе поттикнува активности што треба да ја зајакнат посветеноста на заедницата кон неговото зачувување.
– НП „Маврово“ е повеќе од природен рај, тој е наше живо наследство, кое мораме да го зачуваме за идните генерации. Преку кампањата, сакаме да ги инспирираме посетителите да ја откријат убавината на паркот на одговорен начин, да научат повеќе за неговите вредности и да станат дел од неговата заштита – изјави директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими.
Кампањата ќе трае речиси два месеци и ќе биде реализирана преку различни медиумски канали, со засилен фокус на дигиталните платформи.
Преку социјалните мрежи, информативни видеа, интерактивни содржини и едукативни материјали, граѓаните ќе имаат можност да се вклучат и да откриваат нови информации, со цел подигнување на свеста за значењето на зачувувањето на природата.
Како дел од кампањата, во Маврови Анови, спроти Инфо- центарот на НП „Маврово“, е поставен дигитален видеодисплеј преку кој ќе може посетителите да ги добиваат сите информации и новости за паркот. На него, преку видеа, ќе бидат промовирани природните убавини, ретките видови и можностите за авантуристички доживувања.
Со скенирање на поставениот QR-код, заинтересираните ќе може директно да купат билет за влез во паркот и да ја испланираат својата следна авантура во величествената природа.