Откриени деталите од 45-минутниот разговор меѓу Трамп и Фредериксен

769

Гренланд, остров од стратешко значење поради новите бродски рути и богатите минерални ресурси, се повеќе станува клучна точка во надворешната политика на старо-новиот американски претседател Доналд Трамп.

Според последните информации, за време на 45-минутниот разговор со данската премиерка Мете Фредериксен минатата недела, Трамп повторно инсистирал на својата намера да го преземе Гренланд. Фредериксен, сепак, јасно ја одбила понудата, нагласувајќи дека островот не е на продажба, но предложила можност за соработка во однос на воените бази и минералните суровини, пренесува Вечерњи.

Извори од европските кругови кои се запознаени со разговорот наведуваат дека Трамп бил многу агресивен. Според нив, тој и се заканил на Данска со конкретни мерки, меѓу кои и воведување тарифи. Четворица сегашни и поранешни високи европски функционери, кои разговараа за Фајненшл тајмс, потврдија дека разговорот бил многу напнат и дека деталите од оваа средба само дополнително ја продлабочиле загриженоста во Европа.

Многу аналитичари сега стравуваат дека враќањето на Трамп на власт може сериозно да ги загрози трансатлантските односи, бидејќи американскиот претседател го засилува притисокот врз сојузниците да им отстапат територија на САД.

Коментарите на официјалните лица сугерираат дека сите претходни обиди да се сфати сериозно барањето на Трамп биле залудни, но тие сега се сериозно загрижени дека неговиот интерес за Гренланд може да стане вистинска закана. „Беше страшно“, рече еден извор, додека друг додаде: „Порано беше тешко да се сфати сериозно неговото барање, но сега мислам дека е сериозно и потенцијално многу опасно“.

ИЗДВОЕНИ