Во Приштина е уапсено едно лице и одреден му е 30 дневен притвор откако полицијата во неговиот дом открила софистицирана лабораторија за изработка на фалсификувани документи, како пасоши, лични карти и возачки дозволи. Меѓу запленетите материјали има и над 20.000 микрочипови и илјадници документи од 51 различна земја во светот.
Фалсификуваните бланко документи, како што е наведено, биле откриени минатиот петок кога во Приштина било запрено едно возило при што бил уапсен возачот Ф.К.
Потоа бил извршен претрес во куќа во Приштина, која, според косовската полиција, служела како „лабораторија“ за изработка на фалсификувани документи – пасоши, лични карти и возачки дозволи.
При претресот на оваа куќа биле пронајдени и запленети ласерски машини, принтери, повеќе од 20.000 микрочипови и илјадници документи од 51 земја во светот.
Пронајдени се и празни лични карти и пасоши со идентификација од Република Србија, Обединетото Кралство, Бразил, Мексико, Германија…
На уапсениот возач му е изречена мерка притвор од еден месец.
Отворен е случај за „фалсификување документи“ и „организиран криминал“.