Тим археолози откриле гроб на гладијатор закопан таму пред околу 2.000 години. Ова откритие во италијанската провинција Кампанија нуди сосема нов увид во историјата на Римската империја, соопшти канцеларијата на началникот за археологија, ликовни уметности и пејзаж на Неапол.
– Во срцето на античкиот Литернум, во неаполската населба Џуљано во Кампанија, продолжија археолошките ископувања во некрополата, проширени се за 150 метри квадратни и тоа недалеку од форумот и амфитеатарот на оваа римска колонија. Под научен надзор на др. Симон Формола, археолог, откриени се два оградени гробови украсени со бел и син малтер, бунар, мавзолеј изграден со мрежеста техника и над 20 гробови од различни типови – се вели во соопштението на канцеларијата објавено на Фејсбук.
Ова покажува дека луѓето живееле во областа помеѓу 1 век п.н.е. и 3 век од нашата ера, што дава значителен увид во погребните обичаи и секојдневниот живот во оваа колонија.
– Меѓу наодите, предмети од гробниот инвентар, натписи на мермерни надгробни споменици, меѓу кои и епитаф на гладијатор, се ретко и трогателно сведоштво за споменот на овие борци во тогашното општество – се додава во соопштението.
Ова, додаваат, е уникатен случај бидејќи гробовите на гладијаторите, робови кои се бореле до смрт во арените, се многу ретки.
Во Џуљано, пред година и половина, беше пронајдена сега познатата гробница на Церберус, наречена така поради ѕидовите и таванот со митолошки претстави, од кои особено е значајна претставата на триглавото куче чувар на пеколот.