Откако во 2019 година не успеа да го купи, Трамп сега е спремен да војува за да го добие Гренланд

650

Најкраткиот пат за нуклеарен напад на САД од Русија е преку Северниот Пол и Гренланд. Потребен ни е Гренланд поради национална безбедност, вели новоизбраниот американски претседател. Американците се заинтересирани за замрзнатиот остров и поради минералите откриени таму кои поради глобалното затоплување стануваат се подостапни

 

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој заклетвата ќе ја даде за 10 дена, веќе го подготвува теренот за реализација на една своја стара замисла – преземање на Гренланд.

Неделава тој рече дека овој остров, кој е најголем во светот, а е автономна територија под контрола на Данска, треба да премине под контрола на САД, ако е потребно и со употреба на воена сила.

-Потребен ни е Гренланд поради национална безбедност, рече Трамп на прес-конференција.

По ова американскиот државен секретар во заминување Ентони Блинкен коментираше дека светот не треба да губи премногу време на она што го вели Трамп, зашто „амбициите на новоизбраниот претседател најверојатно ќе останат само приказна“.

Но, зошто навистина Трамп толку запнал да ја освои оваа арктичка територија која во најголем дел е покриена со мраз? Америка, всушност, долго време имала безбедносен интерес за Гренланд, а Трамп и во својот прв претседателски мандат го отвораше ова прашање. Во 2019 година понуди да го купи островот, но Данска го одби, а владата на Гренланд му одговори: не сме на продажба.

Откако нацистичка Германија ја окупирала копнената Данска за време на Втората светска војна, Америка го нападнала Гренланд и поставила воени и радиостаници низ целата територија, а американските сили останале таму и по војната. Америка оттогаш ја управува базата Питуфик, која порано била позната под името Тула. Договорот за одбрана склучен со Данска во 1951 година и обезбедил на Америка значајна улога во одбраната на нејзината територија, вклучувајќи го правото да гради и одржува воени бази.

-Ако Русија сака да испрати проектили кон Америка, најкраткиот пат за нуклеарно оружје е преку Северниот Пол и Гренланд. Затоа  базата Питуфик е исклучително важна за одбраната на САД, појаснува Марк Џејкобсен, вонреден професор на Кралскиот факултет за одбрана на Данска.

Во извештај на Арктичкиот институт се наведува дека последниве години воени капацитети на Арктикот изградиле и Кина и Русија, а на САД им е битно да продолжат со проширување на присуството на Арктикот за да создадат контрарамнотежа. Всушност, Арктикот во многу блиска иднина ќе биде бојно поле на  американските и руските интереси и САД дефинитивно би сакале да обезбедат нови трговски патишта, како и да ги контролираат своите северни граници со Русија.

Но, не е сè во геополитичките и во воено-стратешките предности на замрзнатиот остров. Трамп, исто така, најверојатно е заинтересиран и за рударството. На југот на Гренланд се откриени ретки минерали, ураниум и железо кои се потребни за различни технологии, од мобилни телефони до ветроелектрични турбини.  Тие уште не се ископани, а стануваат се подостапни со глобалното затоплување поради кое мразот се топи. Затоа, Трамп тврди дека контролата над Гренланд е важна за американската национална, но и економска безбедност.

Но, Трамп не е единствениот Американец заинтересиран за Гренланд. Низ историјата Америка се обидела неколку пати да ги истера Данците и да го преземе островот како дел од САД, или барем да има целосно менторство над него. Откако ја купиле Алјаска од Русија, државниот секретар Вилијам Х. Сиворд во 1867. година водел преговори за купување и на Гренланд од Данска, но не бил склучен договор. Потоа Америка понудила 100 милиони долари за оваа територија во 1946. година, оценувајќи дека е од витално значење за националната безбедност. Тогаш  данската влада ја одбила понудата. За повторното актуализирање на ова прашање Куно Фенкер, член на гренландскиот парламент – Инатисиарсут, изјави дека не ги гледа коментарите на Трамп како закана. Фенкер, кој ја поддржува независноста на Гренланд, изјави за Би-би-си дека Гренланд како суверена територија може да избере да соработува со Америка во одбраната.

Инаку, Гренланд е најретко населената територија во светот, каде живеат околу 56.000 луѓе, главно домородни Инуити. Околу 80 отсто од територијата е покриена со мраз, а населбите се претежно на југозападниот брег околу главниот град Нук. Како автономна данска територија, Гренланд е и воена база за Данска и Америка. Економијата главно се базира на риболов, а државната помош од данската влада изнесува една петтина од БДП на Гренланд.

Островот е географски позициониран во Северна Америка, а во последните 300 години е контролиран од  Данска, која е оддалечена од него речиси 3.000 километри. Пред 1953 година, кога стана дел од Кралството Данска, а жителите станаа дански државјани, Гренланд беше изолирана и сиромашна данска колонија. На референдум во 1979 година, Гренланд доби право да одлучува за повеќето внатрешни прашања, додека Данска ја задржа контролата врз надворешната политика и одбраната.

 

ИЗДВОЕНИ