Серијата „Адолесценција“, веројатно, ќе има втора сезона. Објавено е дека продукциската куќа „План Б“ на Бред Пит е во преговори со режисерот Филип Барантини околу изгледите за продолжение откако британското шоу стана хит на стриминг-мрежата „Нетфликс“.
„Адолесценција“ е минисерија што го следи 13-годишното момче Џејми Милер (го толкува Овен Купер), кој е обвинет за убиство на тинејџерка во своето одделение. Потресната приказна е раскажана во четири епизоди, секоја снимена во една слика, додавајќи напнато искуство за гледачот. Серијата, чија премиера беше на 13 март, поттикна разговори за влијанието на токсичната машкост на Интернет врз момчињата.
Новата сезона треба да ја прошири сликата, но „да ѝ остане посветена на својата ДНК, а не да се повторува“. Надежите се дека за втората сезона би се вратил Стивен Греам, кој го игра таткото, но е и кокреатор на серијата.
До овој момент, серијата ја имаат гледано 114,5 милиони гледачи. „Нетфликс“ ја стави на располагање за сите средни училишта во Британија.
Очигледно, темите како онлајн екстремизам и насилство имаат силен одек во повеќе земји.