Откако се раскара со сите, Данела не му верува ни на судот

110

Откако скопската градоначалничка Данела Арсовска, влезе во конфликт и со градските советници и со претседателот на Советот на Град Скопје, како и со премиерот Христијан Мицкоски, сега таа не му верува ниту на судот.

По обелоденувањето во јавноста од страна на Никола Наумоски, шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов дека го добил судскиот спор за клевета против Арсовска, од Град Скопје реагираа дека пресудата сеуште не е формално донесена и врачена.

– И покрај тоа што пресудата сеуште не е формално донесена и врачена, Наумоски со информации побрза да прејудицира судска пресуда и да навредува – потенцираа градските власти oд каде што велат дека Град Скопје нема да коментира одлуки на судот.

– А за тоа дали е клевета изнесеното или не, ќе се почека и официјалната првостепена пресуда на судството во кое македонските граѓани имаат 2% доверба – заклучија од Град Скопје.

Наумоски ја тужеше Арсовска за клевета дека трошел пари од Градот за ручеци во кафеани, па откако јавно објави дека го добил спорот ја нарече градоначалничката лажга и клеветничка.

– Така пресуди судот речиси три години откако пред новинари и камери ме клеветеше дека сум трошел градски пари за да јадам и пијам по кафани. Во овие три години таа вешто ги избегнуваше сите судски покани, избегнуваше и одолговлекуваше, а на крајот не приложи ниту еден доказ за наводното трошење. Иако, на располагање ја има целата архива на градот и сите документи, таа не успеа да најде ниту една инкриминирачка сметка, фактура, налог, било што со што ќе може да ја поддржи нејзината лага – наведе Наумоски додавајќи дека ќе бара отштета од Арсовска.

На неговата изјаваа дека пред новинари и камери бил клеветен дека трошел градски пари за бифтеци, а за тоа не бил до судот приложен ниту еден доказ, од Град Скопје во прилог до јавноста доставија, како што велат една од бројните сметки за од него потрошените градски средства кои како што нагласија биле доставени во постапката пред судот.

Градоначалничката Арсовска на единствениот брифинг што го имаше со новинарите во декември 2021 година, веднаш по стапување на функцијата, кажа дека Наумоски треба да објасни за трошењето пари за кафеани што било трошок во износи од илјадници евра и дека сите ќе одговараат за трошењето народни пари.

(А.П.)