Американката Никол Паулино открила дека е регистрирана како почината, што се одразило на квалитетот на нејзиниот живот. Паулино е од Гајтерсбург, Мериленд, а грешката ја открила додека се обидувала да ја обнови возачката дозвола, пренесува Sky News. Таа рече дека се чувствувала исплашена и изненадена кога системот за управување со моторни возила и покажал порака дека е официјално мртва.
“Изгледа сум починала. Нема да лажам, бев малку исплашена и изненадена, со оглед на тоа дека сум жива. Тука сум”, рекла таа. Официјалните лица потоа ја известиле Никол Паулино дека не може да ја обнови возачката дозвола, по што добила писмо од Службата за внатрешни приходи на САД (IRS), во кое ја опишуваат како почината даночна обврзничка. Здравственото осигурување за неа и нејзините три деца беше откажано, што доведе до зголемување на медицинските сметки и спреченост да го набави инхалаторот потребен за лекување на нејзината астма.
Се се случило поради една печатна грешка
„Ова сериозно ми го наруши животот. Имаше огромно влијание врз мене и моето ментално здравје“, додаде таа. Потоа добила повик од службеник на Управата за социјално осигурување, кој и кажал дека грешката се должи на печатна грешка.
Имено, погребалното се обидело да пријави смрт на друго лице, но згрешило при пишувањето на една цифра од матичен број. По грешка го внеле бројот на Никол Паулино.
Администрација за социјално осигурување: инаку сме многу прецизни
Администрацијата изјави дека нивните податоци инаку се многу точни и дека помалку од 0,33 отсто од повеќе од три милиони извештаи за смрт што ги добиваат годишно, подоцна морале да се коригираат. Ова сепак значи дека околу 10.000 извештаи годишно се неточни.
„Овие работи се случуваат речиси секојдневно и можат да имаат страшни последици за нечиј кредитен рејтинг“, изјави адвокатот Џозеф МекКлеланд. Паулино изјавила дека во меѓувреме добила писмо од социјалните служби во кое пишувало дека грешката е исправена. Официјално повторно беше прогласена за жива.