Откако ја закопавме Вања, Палевски си запали цигара – ги прскаше лопатите со ВД-40 за да се скријат трагите

Првообвинетиот за грозоморното убиство се соочи со Велибор Манев во судница

3415

Првообвинетиот за двојното убиство на Вања и Панче, на денешното судење, се соочи со својот партнер во злосторството, Велибор Манев. Подготвил куп листови на кои напишал прашања, секој од листовите нумериран со црвено пенкало, а прашањата напишани читливо, со сино. Љупчо Палевски хируршки прашуваше за секој детаљ од сведочењето на Манев. Прашуваше со формата „сте биле?“, мислејќи на обвинетите Велибор, Боре, Влатко, но не и на себе, иако е обвинет за организатор на грозоморните дела. За цело време додека Палевски го прашуваше, препрашуваше, враќаше на исказите дадени во истрагата, Велибор се вцрвуваше и вознемируваше. Палевски не ја криеше циничната насмевка по одговорите на Манев. – Ти самиот добро знаеш што правевме и како правевме. Без брзање, полека ни велеше – му одговараше Манев

Нови грозоморни детали се слушнаа денеска, во судницата, од сведочењето на обвинетиот Велибор Манев. Првообвинетиот за двојното убиство на Вања и Панче се соочи со својот партнер во злосторството. Прашањата што му ги поставуваше, Палевски ги формулираше како да не учествувал во грозоморните дела заедно со другите обвинети, Велибор, Влатко, Боре. На многу од нив, одговорот на Велибор беше: „Ти самиот добро знаеш што правевме и како правевме. Без брзање, полека ни велеше“.

Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска ги кажала телефонските броеви на родителите, а Палевски ги запишал. Никој од нив немал мобилен телефон, освен првообвинетиот. Но, Палевски не побарал откуп од семејството.

– Прашајте го Љупчо Палевски за тоа – кратко одговори Манев и откри дека за „вревата“ што се крена во јавноста по грабнувањето на девојчето, Палчо видел на мобилниот телефон, откако го закопале.

– Откако завршивме со закопувањето на Вања, Палевски ладнокрвно запали цигара и си го отвори телефонот за да види што е и како е на Интернет. Тогаш го кажа тоа, дека се дигнала џева, дека се бара Вања – рече Манев.

Обвинителството и МВР, пак, на прес-конференцијата веднаш по расветлувањето на убиствата, излезе со тврдење дека девојчето било убиено бидејќи уапсените ги фатило паника, откако виделе дека е ангажирана цела полиција во потрагата.

– Единствено преместување на телото е кога го стававме во дупката. Ја копавме околу 20 минути. За тоа време, не го мрдавме телото на Вања, сè додека не го ставивме внатре. Пред да го преместиме, беше во вреќа, која ја извади и фрли во колата на Жежовски. Лопатите ги фрливме по пат, кога одевме кон Глумово, со колата на Панче. Лопатата, пред да ја фрли, Палевски ја чистеше. И рачката и металот ги прскаше со ВД-40 за да се скријат трагите. Подзастанаа и Кешишев ги фрли алатите во долот – опиша Манев во детали.

Едно прашање не доби одговор од Велибор, бидејќи обвинетиот Палевски остро приговараше. Го постави адвокатот на таткото на Вања: „Дали се согласувате дека ваквото грабнување е форма на тероризам?“ Реагираше Палевски, укажувајќи му на судијата Ивица Стефановски дека обвинението е за друго кривично дело, киднапирање и убиства од користољубие.

Со одговорите на прашањата поставени од адвокатот Владимир Туфегџиќ, обвинетиот Манев појасни дека Палевски две недели ја следел потенцијалната жртва за грабнување, висока жена со долга коса, многу слична на Вања Ѓорчевска, освен во годините. Маркираната личност живеела во истата зграда, била ќерка на богат фармацевт и имала четириесетина години.

– Палевски ја сликал од паркирано возило, ја чекал секое утро кога излегувала од влезот во 7:20 минути, а потоа ни ги покажуваше сликите. На Боре му ги предочуваше повеќе, да го впие ликот, бидејќи требаше тој да ја турне додека слегува по внатрешните скали – објаснуваше Велибор.

По два неуспешни обиди, киднаперите грабнале погрешна личност, тврди Манев. Таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање во грабнувањето, стана од местото каде што седи во судницата и едвај разбирливо со тивок глас го праша Велибор: „Зошто? Зошто дојде со ова?“, по што тој му одговори дека треба да го праша Љупчо Палевски за тоа.

Прашуваше и Љупчо Палевски. Подготвил куп листови на кои напишал прашања, секој од листовите нумериран со црвено пенкало, а прашањата напишани читливо, со сино. Љупчо Палевски хируршки прашуваше за секој детаљ од сведочењето на Манев. За цело време додека Палевски го прашуваше, препрашуваше, враќаше на исказите дадени во истрагата, Велибор се вцрвуваше и вознемируваше. Палевски не ја криеше циничната насмевка по одговорите на Манев. За убиството на Панче Жежовски го праша како знаел дека му било пукано во слепоочницата кога во истрагата во 2023 кажал дека не видел добро поради церадата во која бил завиткан. Палевски го обвини дека цитира наод од обдукцијата во Судска медицина.

Првообвинетиот, во натамошниот тек од вкрстеното испрашување, му покажа две фотографии од трагите број 9 и број 18, на кои има пронајдено крв од усмртеното девојче.

– Како е можно да е убиено детето со пиштол од 9 милиметри, надвор од дупката, 20 минути да лежи на земја и да нема ниту една капка крв, а единствените траги да бидат во дупката? – праша Палевски.

– Детето беше во вреќата пред да го преместиме. Кога го положивме во гробот, Палевски ја извлече вреќата и ја фрли во колата на Панче. Можно е вреќата да ја држела крвта и да не дозволила да падне на местото каде што ја уби – одговори Манев.

Палевски ја одлепил сивата трака од устата на Вања Ѓорчевска, ја сликал со вперен пиштол, а откако ја убил, го спакувал пиштолот во сино ранче, заедно со три мотороли и наредел на свој послушник да го уништи пакетот, тврди второобвинетиот Велибор Манев. За перничето низ кое пукал Палчо во девојчето, вели дека изгорело во „ситроенот“ на Жежовски. Судењето продолжува в понеделник, со сведочење на обвинетиот Боре Видевски. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ