ТикТок, платформа која го редефинира начинот на кој милиони луѓе ширум светот ја консумираат и ја создаваат дигиталната содржина, се соочува со сериозна закана од забрана во САД.
Глобално популарната платформа за видео содржини во кратки форми, е на работ да биде забранета во Соединетите Држави. Оваа ситуација е резултат на растечките тензии меѓу САД и Кина, кои се интензивираа во последниве години преку трговски војни, технолошки ограничувања и политички конфликти. Доколку ТикТок биде забранет, последиците ќе се почувствуваат на социјално, економско и технолошко ниво, а планот е ТикТок повеќе да не постои во оваа земја од 19 јануари.
ТикТок, платформата која го редефинира начинот на кој милиони луѓе ширум светот консумираат и создаваат дигитална содржина, се соочува со сериозна закана од забрана во САД. Оваа одлука, која американската влада ја оправдува врз основа на националната безбедност, може да предизвика тектонски промени, како на американско, така и на глобално ниво.
Во април 2024 година, Конгресот на САД усвои нацрт-закон со кој се бара ByteDance, кинеската компанија која е сопственик на ТикТок, да ги продаде операциите на апликацијата во САД на американски купувач до јануари 2025 година. Во спротивно, ТикТок ќе биде забранет на американскиот пазар.
Главната причина за оваа одлука лежи во загриженоста дека ByteDance може да биде принуден да споделува податоци за американските корисници со кинеската влада, што, според американското Министерство за правда, го прави ТокТок „закана за националната безбедност од огромни размери“. Иако ТикТок упорно ги негира овие наводи, тврдејќи дека ги чува податоците на американските корисници на серверите во САД и Сингапур, скептицизмот на владата не стивнува.
Американската загриженост за ТикТок не е изолирана. Слични потези веќе се направени и во други делови на светот. Индија го забрани ТикТок во 2020 година, додека владите на Обединетото Кралство и Европската унија ја забранија апликацијата на уредите на вработените поради безбедносни причини. Овие забрани укажуваат на глобалната димензија на проблемот и ја нагласуваат важноста на контролата на податоците во дигиталната ера.
Забраната на ТикТок нема веднаш да ја избрише апликацијата од уредите на постоечките корисници, но отстранувањето на апликацијата од продавниците како Apple App Store и Google Play ќе спречи преземање на нови верзии и ажурирања. На прв поглед, корисниците сепак би можеле да ја користат апликацијата, но без ажурирање на софтверот апликацијата брзо би станала нестабилна.
За милиони американски создавачи на содржини и мали бизниси, кои користат ТикТок како клучна алатка за да допрат до својата публика, губењето на апликацијата би било катастрофално. Креаторите на содржини се потпираат на алгоритмот за препораки на ТикТок, кој им овозможува дури и на корисниците со мали следбеници да постигнат вирусен успех. Без TikTok, многумина ќе бидат принудени да се префрлат на алтернативи како што се Instagram Reels, YouTube Shorts или Snapchat, што би барало значителни прилагодувања.
Ако ТикТок биде забранет, платформата Reels на Instagram и YouTube Shorts, кои се дел од инфраструктурата на Google, ќе бидат меѓу главните конкуренти кои се обидуваат да ги привлечат поранешните корисници на ТикТок. Иако двете платформи имаат значителни предности, нивната способност да ја заменат технологијата на ТикТоки нејзината висока стапка на ангажираност остануваат сомнителни.
Додека судиите на Врховниот суд ја разгледуваат иднината на ТикТок во Соединетите држави, се поголем број американски корисници на социјалните медиуми реагираат со префрлање на неочекувана алтернатива: Rednote, многу популарна социјална мрежа во Кина.
Оваа апликација го зазеде првото место на американската верзија на Apple App Store во вторникот. Според извештајот на компанијата Sensor Tower со седиште во Сан Франциско, преземањата на апликации во САД се речиси тројно зголемени во последните седум дена во споредба со претходната недела. Ројтерс објави дека повеќе од 700.000 нови корисници го преземале Rednote за само два дена, повикувајќи се на извори блиски до компанијата.
Илон Маск – потенцијалниот спасител на ТикТок?
Во светлината на растечката неизвесност, вниманието се свртува кон Илон Маск, милијардерот познат по неговата способност да управува и да ги трансформира индустриите. Според извори блиски до кинеската влада, една од опциите што се разгледува е продажбата на американските операции на ТикТок на компанијата X, која е во сопственост на конгломератот на Маск.
Илон Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари во 2022 година, трансформирајќи го во компанија со многу поширок фокус, вклучувајќи го и развојот на вештачката интелигенција преку неговата компанија xAI. Според изворите, ТикТок би можел да стане дел од оваа поширока стратегија, со оглед на неговата огромна корисничка база.
Сепак, продажбата на ТикТок на Маск или на кој било друг купувач носи значителни правни и технички предизвици. Кинеската влада има право на вето врз продажбата на клучните технолошки средства на компании како ByteDance, вклучувајќи го и алгоритмот за препораки на ТкТок. Исто така, вредноста на операциите на ТикТок во САД се проценува на 40-50 милијарди долари, што е исклучително висока сума дури и за најбогатиот човек во светот.