Осумкатници ќе се градат на местото на детско игралиште, ќе се уништи зеленилото и ќе се исечат 40 дрвја

2903

Жителите од населбата Ченто се организираат на социјалните мрежи и реагираат против донесување на деталниот урбанистички план градски кварт С19, блок 7, на Општина Гази Баба, кој предвидува изградба на три згради осумкатници.

ДУП-от предвидува една маркичка за зграда на местото на „Дим маркет“, втората зграда, пак, треба да се гради на зеленото тревно детско игралиште наспроти белата зграда каде што се наоѓа Комерцијална банка и третата – на ридот спроти најстарата зграда заобиколена со 60 дрвја и зеленило, до новото детско игралиште.

Жителите апелираат дека и по празниците ќе продолжат со обврската да го спречат ДУП-от и нагласуваат дека сите дополнително ќе бидат известени за нивните натамошни чекори.

Тие се револтирани, бидејќи со изградбата на трите осумкатници ќе се уништат детски игралишта, легализиран имот на жителите, за кој, како што велат, одвојувале од себе и од своите семејства. Воедно, ќе бидат исечени 60 дрвја на јавна површина, ќе се вметнат сервисни улици и ќе се избришат постојните паркинзи на постојна зграда.

Освен тоа, жителите го нарекуваат настојувањето да се протне овој план криминал, а ДУП-от незаконски, за кој, како што велат, била закажана јавна презентација во работен ден, во 12:00 часот, кога сите се на работа и со рок за претставки пет дена пред Нова година.

– Со овие три згради осумкатници, сакате да уништите зелено тревно детско игралиште, шума од минимум 60 дрвја, веќе постоен паркинг, легализиран имот на жители и сето тоа за ваши финансиски придобивки. Срамота, безобразие, дрскост! И да се знае дека ние, како жители, неуморно и максимално сме ангажирани сè додека не се повлече овој погрешен чекор. Стари, млади, деца – сите заслужуваме хумани услови за живеење, а не сообраќаен хаос, дополнително загаден воздух и осакатување на децата – потенцира Милка Пројковска.

Според Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – за заштита на Карпош“, се работи за веќе позната тактика, анкети и презентација на ДУП.

– Овој пат, во Гази Баба, во мирен дел од населбата се вцртале згради, две од нив на зелена површина. Место да се зафати со носење ДУП за Вардариште, Општина Гази Баба решила да бетонизира детски игралишта. Замислете, на место на мини шума од 60-ина дрвја вцртале зграда од П+5, на 200 метри уште една, а има и повеќе од доволно непродадени станови, ама вака е најлесно. Срамота! – реагира Георгиевска.

Лиле Стојчевска вели дека против градежната мафија и бетонизирањето на Ченто треба да се приклучат и сите околни населби, бидејќи, како што вели, и оваа општина ќе стане како Аеродром, Кисела Вода, Центар, каде што нема воздух, нема паркинзи, само згради на секој празен простор.

Станува збор за предлог детален урбанистички план, кој опфаќа простор од 6.065 хектари што се простира во границите на четири улици, и тоа северозападно по сервисната улица С1 (улицата „Среќко Пужалка“), источно по собирната улица „Маџари“, југоисточно по градската магистрала улица „Антон Попов“ или улицата „Методија Андонов-Ченто“ и западно по сервисната улица С7.

Во планот се предвидени објекти за домување, за комерцијални и деловни намени, како и објекти со намена за јавни институции, зеленило, рекреација и инфраструктура, но и сообраќајници.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ