Осум лица се уапсени по вчерашните инциденти со македонското знаме

55

МВР веќе привела осум лица поврзани со вчерашните инциденти, меѓу кои и сквернавењето на македонското знаме на неколку места во Скопје и Македонија, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Четири од нив се уапсени заради тоа што сториле прекршок, учествувале во тепачка, а другите четири лица се уапсени заради тоа што за нив имаме основано сомнение дека сториле кривично дело 319 од Кривичниот законик коешто се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, каде што е предвидено минимална казна од една година затвор. За нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, рече Тошковски.

Едно од нив е малолетник, другите се млади лица од 18 до 21 година, додаде министерот Тошковски.

Додаде дека ќе има уште многу лица кои ќе бидат повикани на разговори и вклучени во истражните дејствија.