Пред точно осум години беше организиран и изведен насилниот упад во македонското Собрание, познат како „Крвавиот четврток“. На 27 април 2017 година, додека во Собранието се избираше новиот претседател Талат Џафери, толпа демонстранти, поттикнати од иницијативата „За заедничка Македонија“, го проби полицискиот кордон и насилно влезе во законодавниот дом.
Пратеници, новинари и службеници беа нападнати, а повеќе од 100 лица беа повредени.
Судските процеси завршија со вкупно 211 години затвор за 16 обвинети, меѓу кои и високи безбедносни функционери. Највисока казна од 18 години доби Митко Чавков, додека други беа осудени на затворски казни од 7 до 15 години.
Дел од обвинетите, меѓу кои и пратеници и организатори на протестите, беа амнестирани со закон од 2018 година.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во февруари оваа година информираше дека под истрага се пет лица осомничени за организирање на настаните од 27 април.
Исто така обвинителството информира дека во почетокот на 2017 година, осомничените подготвиле и спровеле план за спречување на мирно примопредавање на власта. За таа цел организирале и материјално поддржале масовни протести, прво пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“, кои кулминирале со насилниот упад во Собранието на 27 април.