Директорите на ЈП „Чистота и зеленило“ и на КПУ Затвор „Куманово“, Ненад Стојановски и Оливер Цветковски, потпишаа меморандум за соработка, со цел организирање општокорисна работа за осудените лица. Соработката има цел да го поддржи процесот на ресоцијализација на осудените лица преку нивно активно вклучување во активностите што придонесуваат за чистење и одржување на јавните простори во Општината.
– Очекуваме наскоро да бидат ангажирани осудените лица и да помогнат во одржувањето на хигиената на повеќе локации на подрачјето на Општината. Претходните искуства покажуваат дека има придобивки и за осудените лица, им помага во процесот на ресоцијализација, но и за претпријатието – изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски.
Од двете институции нагласија дека соработката е во согласност со законските регулативи и се реализира со цел подобрување на условите за живот на заедницата, како и поттикнување одговорност и ангажираност кај осудените лица.
– ЈП „Чистота и зеленило“ и КПУ Затвор „Куманово“ се посветени на одржувањето партнерски однос и заеднички придонес за почиста средина – велат од институциите.