Србинот Новак Ѓоковиќ држи многу рекорди кога е тенисот во прашање, што само по себе кажува за каква легенда станува збор. Тој моментно е четврти на АТП- листата, што е во спротивност со неговиот рекорд за кој ќе пишуваме денеска.

Имено, Новак Ѓоковиќ мина дури 756 недели на една од првите три позиции и претворено во години, тој повеќе од 14 и пол години е меѓу тројцата најдобри на планетата. Тој, исто така, е рекордер по бројот на недели на првото место (428), а рекордер е и по бројот на недели на првите две позиции на АТП-листата (599). Ако се знае дека играше во, веројатно, најдобрата ера на светскиот тенис, овие рекорди добиваат дополнително значење, бидејќи неговите најголеми ривали, Роже Федерер и Рафаел Надал, најмногу го гледаа во грбот.

Кога се гледа листата по недели поминати меѓу првите тројца, Новак Ѓоковиќ е прв, но не е толку убедлив како кога е првото место на АТП во прашање. На листата со тенисери води Ѓоковиќ со 756 недели, Роже Федерер има 750, додека Рафаел Надал – 686 недели. Легендарниот Џими Конорс е далеку зад првата тројка со „само“ 592 недели на една од првите три позиции. Само Новак има шанса да се врати меѓу првите тројца на АТП, но прашање е дали ќе се случи тоа. Што се однесува до конкуренцијата, Карлос Алкараз и Јаник Синер ќе треба добро да се испотат за да го соборат ова неверојатно остварување на Србинот, ако воопшто можат.

Ѓоковиќ планираше до крајот на сезоната да игра само на мастерс-турнирите во Шангај и во Париз, а доколку постигне добри резултати на нив, ќе се пласира на завршниот мастерс во Торино. Сепак, треба да се има предвид дека до крајот на календарската година Ѓоковиќ брани дури 2.300 бода од претходната сезона, па ќе му биде многу тешко да ги надмине другите конкуренти во борбата за висок пласман.