Оштетени шест челични елементи на највисокиот дел од конструкцијата на Универзална сала   

1267

Со дигалка на висина до 30 метри, направивме макровизуализација на сите елементи од главната нова конструкција. Ги утврдивме и ги обележавме елементите што ќе треба да се извадат за да се однесат на тестирање во акредитирана лабораторија за утврдување на носивите карактеристики на челичните елементи од конструкцијата. Единствените визуелни оштетувања (набабрувања) се констатирани на шест челични елементи што се непосредно до прстенот на највисокиот дел од конструкцијата, а оштетени се и неколку елементи од прстенот – изјави Михаил Гаревски, директор на Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени

Шест челични елементи што се непосредно до прстенот на највисокиот дел од конструкцијата на Универзална сала, како и неколку елементи од прстенот, имаат визуелни оштетувања. Ова го покажал увидот на јазлите, направен деновиве, одблизу, со дигалка, од Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски за да се види дали дошло до олабавување на некои шрафови и за да се провери дали евентуално има некакви деформации на елементите.

– Со дигалка на висина до 30 метри, направивме макровизуализација на сите елементи од главната нова конструкција. Ги утврдивме и ги обележавме елементите што ќе треба да се извадат за да се однесат на тестирање во акредитирана лабораторија за утврдување на носивите карактеристики на челичните елементи од конструкцијата. Единствените визуелни оштетувања (набабрувања) се констатирани на шест челични елементи што се непосредно до прстенот на највисокиот дел од конструкцијата, а се оштетени и елементи од прстенот – изјави Гаревски.

Тој додаде дека анализите од извадените опожарени челични елементи ќе покажат колку елементи треба да се заменат со нови. Според Гаревски, за тоа колку брзо ќе може да се продолжи со реконструкцијата на Универзална сала, ќе може да се знае веднаш по добиените резултати од тестирањата во лабораторија, на пробните епрувети што се направени од извадените критични опожарени челични елементи.

Претходната визуелна контрола на ИСОГКП покажа дека нема деформации на елементите и профилите на Универзална сала што биле опфатени со пожарот и тврдеше дека градежните активности околу реконструкцијата можат да продолжат. По барање на изведувачот на градежните активности за реконструкција на Универзалната сала – „Универзал балкан“, Институтот направи и експертиза, бидејќи Министерството за култура побарало од изведувачот да се процени дали тој може да продолжи со расчистувањето на шутот од пожарот, а потоа и со градбата.

Како што наведе Гаревски тогаш, било констатирано дека има опожарување на делови од лаковите од куполата што одат кон прстенот, а има опожарување и околу самиот прстен. Воедно, било констатирано и опожарување на врската меѓу лакот, столбот и попречните греди околу обемот на куполата.

Универзалната сала во Скопје се запали на 9 април годинава, само по ден месец откако почнаа градежните работи за нејзина реконструкција и по 10 дена откако беше поставена новата купола. Како што кажаа на последниот брифинг министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, изведувачот и надзорот на објектот, предвидениот рок за градба до 2026 година ќе се запази, односно концертната сала нема да остане недоправена.

Тие рекоа дека во пожарот изгорело само она што требало да се отстрани кога ќе почнела втората фаза за изведување на внатрешноста и дека нема да се продолжи со реконструкцијата додека не се испита целиот објект.

(А.П.)