Оштетени камерите од каде што се набљудува речиси цел Пелистер

1477

Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“ од Битола констатира дека е оштетен дел од опремата која служи за надгледување и алармирање за можен пожар во делот на Пелистер.

Се работи за оштетување на камерите со кои се врши надзор на планината и кои се вмрежени во нивни сервер и со Министерството за одбрана.

– На локацијата Превалец, на многу стратешко место од каде што се набљудува речиси цел Пелистер, поставени се две камери, кои служат за набљудување и рана детекција на пожари. При редовна контрола, ренџерот откри дека дел од опремата е оштетена. Кутиите се оштетени и претпоставуваме дека се вадени инструментите и другата опрема, и инструментите и алатките. Случајот е пријавен во полиција и е направена пријава во полиција, каде што ќе се констатира штетата – вели Зоран Пројчевски, шумарски инженер.

Од Националниот парк се згрозени од направената штета и не сакаат да претпостават што може да се случи доколку не функционираат камерите.

Директорот на НП „Пелистер“, Малиќ Шемшедини, вели дека е постапено и дека е пријавен случајот во полиција, со цел да се откријат сторителите, а ќе биде поднесена и кривична пријава против непознат сторител.

– Не сакаме да ни се случи тоа што се случи во другите национални паркови во државата и во соседството. Опремата е наша, набавена преку проектот „Превент“ и е многу значајна за заштита од пожари на Националниот парк „Пелистер“. Досега успеавме да ги менаџираме сите помали пожари што се појавија, за што сме особено горди како екипа во НП „Пелистер“ – истакна Шемшедини.

Од Националниот парк упатуваат апел што побрзо да се најдат сторителите, да се стави опремата во функција и да воспостави мониторинг на планината, бидејќи сите ги знаеме штетите што се предизвикани од пожарите низ целата држава.