Оставката на Даути ќе се скрши врз грбот на Гаши

Опозициската Левица денеска го обвини Гаши дека неговите скандалозни и неделовнички изјави се флагрантен израз на неговото самоволие, а од СДСМ соопштија дека целата одговорноста е кај Гаши, и за Даути и за незакажувањето седница на Комисијата за социјални прашања

34
 За епилогот од интерпелацијата, прстот е вперен кон собранискиот спикер

 

Обвинувања за самоволие и барање за одговорност од претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, за случајот со интерпелацијата на Илире Даути упатија денеска опозициските партии. До ова доаѓа откако Гаши вчера соопшти дека, за него, случајот со интерпелацијата е завршен.

– Интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација. Прашањата како што се разрешување и оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците. Не сум добил официјално известување за оставка од ниту еден претседател на комисија. Од процедурална гледна точка, ова прашање е решено – соопшти Гаши.

Од друга страна, Илире Даути и денеска не соопшти дали ќе се повлече од функцијата претседател на Комисијата за социјални прашања откако во петокот 61 пратеник констатираа дека таа „несовесно и неодговорно ја извршува функцијата“. Во изјавата за телевизијата „Алсат“, таа рече дека попрво би дала оставка отколку да биде принудена да работи според диктат на Левица и да го стави на дневен ред предложениот закон за бранителите.

– Излегува дека Илире Даути е должна да ја стави таа точка на дневен ред, ако сака да остане претседател на Комисијата. Јас нема да го сторам тоа никогаш! Јас избирам и да не бидам претседател на Комисијата и воопшто да не се потчинам – посочи Илире Даути.

Таа го прозва собранискиот спикер, Гаши, и побара да поднесе барање за поништување на собранискиот заклучок за неа за да се види дали коалицијата „Вреди“ е искрена во своите помош и барање да биде претседателка на Комисијата.

Од нејзината партија, Алијанса за Албанците на чело со Зијадин Села, денеска  соопштија дека таа сама треба да реши околу (не)останувањето на функцијата.

Паралелно со ова, од опозициската Левица денеска го обвинија Гаши дека неговите скандалозни и неделовнички изјави дека нема да го достави усвоениот заклучок од интерпелацијата се флагрантен израз на неговото самоволие.

– Левица е подготвена да иницира предлог за разрешување до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со која претседава пратеникот од редовите на ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски. Очекуваме владејачкото мнозинство да го предложи ваквиот издржан предлог на Левица, со цел заштита на законодавниот дом од самоволието на одредени политички чинители – соопшти оваа партија.

И од СДСМ соопштија дека одговорноста е кај Гаши, и за Даути и за незакажувањето седница на Комисијата за социјални прашања.

– СДСМ нема да навлегува во фарсата што, во македонското Собрание, ја прават Левица, ЗНАМ И ДПМНЕ. Без разлика на скриените мотиви на Левица, ЗНАМ и ДПМНЕ, не може интерпелацијата да нема никаква правна последица. Целата одговорност и околу несвикувањето седница за законот за бранителите и сега, по усвоената недоверба за Даути, е кај претседателот на Собранието, Африм Гаши. Сега, откако е изгласана интерпелацијата, односно недоверба, исто така е одговорност на претседателот на Собранието да соопшти што ќе преземе – соопшти портпаролката Богданка Кузеска.

Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека таа не е надлежна самата да презема нешто во врска со интерпелацијата на Даути.

– Во заклучокот од Собранието се кажува дека наводите во интерпелацијата се основани, односно дека со 61 пратеник претседателот на Комисијата е разрешен, во случајот Даути, бидејќи не ги исполнила деловничките одредби. Тоа е она што е суштината. Комисијата за прашања на изборите и именувањата не е надлежна самата да презема бидејќи не е ни повикана. Ги чекаме следните чекори од пратеничките групи – рече Сајкоски. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ