Инспекторатите ќе продолжат да работат како органи во состав на министерствата и нема да имаат сопствена буџетска сметка. Не ќе можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и вработувања, ниту да одлучуваат за правата и обврските од работен однос на вработените. Ова е предвидено со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор треба да се донесе по скратена постапка во Собранието.

Според измените, Државниот девизен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за финансии, Државниот инспекторат за техничка инспекција продолжува да работи како Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини; Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за шумарство и ловство продолжуваат да работат во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат продолжува да работи во состав на Министерството за здравство, Државниот просветен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за образование и наука.

Државниот инспекторат за труд продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд, Државниот пазарен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд, Државниот инспекторат за локална самоуправа продолжува да работи како орган во состав на Министерството за локална самоуправа, Државниот управен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за јавна администрација, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот комунален инспекторат продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за транспорт и Државниот инспекторат за животна средина продолжува да работи како орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа чиј главен фокус беше реорганизацијата на министерствата, се изврши интервенција на постојната законска рамка и соодветно утврдување на надлежностите на министерствата, така што се направи прераспределба на надлежностите на органите на државната управа, прегрупирање по сродни области и стратешки приоритети на државата, основање на нови органи на државна управа, кое пак неминовно доведе и до промена во бројот на министерствата и на делокругот на надлежностите на дел од постојните министерства во Владата. Со член 27 од овие законски измени се воспоставуваат линии на отчетност меѓу ресорните министерства и органите во нивен состав, при што се реафирмира и зајакнува улогата на министерствата во однос на надзорот над законите од нивна надлежност.

Предлагачи на законските измени се пратениците Бојан Стојановски, Бојан Карапејовски, Зоранчо Јованчев, Јане Мицевски, Мевмед Џафери, Ријад Шакири и Халил Снопче.

 

ИЗДВОЕНИ