Останав жив благодарение на фудбалот!

242

Во светот на фудбалот постојат играчи што се меѓу најомразените кај голем број навивачи, но има и такви што едноставно не можеш, a да не ги сакаш, барем кога, пред сè, е нивната човечност во прашање.

Иако играше за двата најомразени ривала во тоа време во нашата земја, Слога Југомагнат и Вардар, сепак, навивачите на двата клуба имаат само добро сеќавање за него.

Токму затоа, весникот ВЕЧЕР реши да направи разговор со поранешниот македонски репрезентативец, Неџмедин Мемеди, кој си ја отвори душата и проговори за многу работи, од моменталната ситуација во мак-фудбалот, средбата на граница со навивачката група „Комити“ до стравотната несреќа, која му се случи во Турција и поради која двапати го враќаа во живот.

За почеток, Мемеди направи паралела како било кога играл тој, а каков е фудбалот денеска, особено на клупско ниво.

– Во мое време беше многу поразлично од денеска. Ние трениравме во парковите, немавме балони тогаш, бевме изложени на секакви временски услови. На мои 17 години, кога воедно влегов во првиот тим на клупско ниво, јас се туширав со студена вода, бидејќи повозрасните први влегуваа под туш, па немаше топла вода за нас, што само покажува каква почит постоеше во тоа мое време. Сега нема ништо од тоа. Воопшто не беше лесно да се влезе во првиот тим. Сакам да кажам дека требаше многу, многу труд за да се успее, особено тогаш. Сега, ако нема топла вода, тој не влегува под туш, значи условите се на едно далеку повисоко ниво, но не и резултатите. Јас по три-четири часа не излегував од сала и по секој тренинг, дополнително се надградував со тоа што трчав и вежбав надвор од предвидените тренинзи. Исто така, на секој натпревар, дали се младинци или сениори, имаше полни трибини, што не е случај сега. Кога игравме против Вардар, трибините беа преполни, исто и во Купот, со Македонија ЃП. Навистина беше прослава, иако терените беа далеку полоши од сега. Ми текнува, ние едвај чекавме да заврне за теренот да биде мек за играње, а сега на сцена стапија прскалките, што покажува што имавме и што немавме ние. Немавме услови како денеска, со клими да се загреваат салата, соблекувалната, со прскалки да се наводнува тревата за полесно да се движиме, топла вода за тушираше… – се присети Мемеди.

Потоа го кажа своето мислење за тоа дали може да го повтори успехот од 2021 година и да се обезбеди пласман на големо натпреварување, било да е ЕП или СП.

Весникот ВЕЧЕР реши да направи разговор со поранешниот македонски репрезентативец, Неџмедин Мемеди, кој си ја отвори душата и проговори за многу работи, од моменталната ситуација во мак-фудбалот, средбата на граница со навивачката група „Комити“ до стравотната несреќа, која му се случи во Турција и поради која двапати го враќаа во живот

 

– Имаме прилично добра група во квалификациите, со Белгија, Велс, Казахстан и со Лихтенштајн, но секогаш е најтешко кога имаме реални шанси – смета Неџмедин.

Тој имаше што да каже и околу промената во ФФМ и назначувањето на новиот претседател, Масар Омерагиќ:

– Потребно е да се вложи многу работа и труд за да го издигнеме фудбалот на едно повисоко ниво. Порано, во Југославија, државата беше силна во сите спортови. Затоа што уште од најмала возраст децата добиваа насока за спорт, дека треба да вежбаат и да веруваат во себе. Сега, децата не може да сфатат дека телефонот и Интернетот се најголемата опасност за човештвото. Треба добра организација во Федерацијата, еве сега и Министерството за спорт се стави на располагање за да се успее во фудбалот на глобално ниво. Најголемиот проблем кај нас е членарината што ја плаќаат најмладите. Земете пример од Хрватска. Динамо, како една од најдобрите фудбалски школи на Балканов, не им зема пари на своите деца за членарина, има совршени услови, а на крајот и добро заработува од продажбата на талентите. Тоа е цел систем, кој совршено функционира со помош на државата. Треба да се примени истиот тој систем и тука, со помош на Федерацијата и сите инволвирани во мак-фудбалот. Ќе дојде време кога ќе ги молиме нашите деца да дојдат на тренинг, затоа сме на ова ниво на кое сме денес. Можам да кажам дека клубовите се оставени на цедило, не потпомогнати од никој, ниту од Федерација, ниту од државата, а спортот бара макотрпна работа.

Тој, исто така, покажа дека добро ја знае и причината за празните трибини на стадионите во Македонија.

– Во Македонија не е направено баш ништо за добра организација на натпреварите, затоа и трибините ни се празни. Ќе кажам само еден пример. Седам со еден поранешен репрезентативец од мое време, гледаме Вардар – Шкендија, од една страна извикуваат „ши**арски мајки“, од другата „каурски“. Гледавме едно полувреме, не можејќи на раат да го следиме натпреварот, си заминавме. Замислете, некои купуваат билети за да гледаат фудбал, а наидуваат на вакви девијантни пароли од навивачките групи. Затоа велам, треба да има далеку подобра организација, а ваквите хулигани треба да бидат отстранети од трибините. Тука треба да реагира Федерацијата, а дотогаш постојано ќе ја гледаме оваа непријатна слика на стадионите. Најдобар пример ни е Англија, каде што навивачите се речиси до теренот, но не смеат да припарат на него, за тоа се ригорозните казни што ги имаат. Доколку би имал улога во Федерацијата, јас прво би го средил овој проблем, кој навистина е на глобално ниво, па потоа и сè останато – вели Мемеди.

Тој се присети се на една случка од минатото.

– Се враќав од Црна Гора, преку Албанија, и на граница ги сретнав „комитите“, кои беа тргнале да навиваат за Вардар, на гостувањето во Елбасан. Граничната полиција не ги пушташе да влезат поради неплатени визи. Јас извадив пари од џеб и им го платив преминот. Добив благодарност од сите во навивачката група и им порачав: „Само не правете проблеми“. Тоа ме направи горд, бидејќи 50 или 100 марки (меѓународна валута во тоа време) не ме направија посиромашен.

Но, спортот носи и несакани работи, па за една таква зборуваше и Мемеди.

– Игравме против Србија, во Белград, по распадот на Југославија. Во еден дуел со противнички фудбалер, почнав да крвавам, а откако ми ја санираа повредата, цела публика скандираше: „Уби, уби Ши**ара“. Тоа навистина ме погоди. Од Федерацијата никој не реагираше за тој инцидент, што беше болно за мене – се присети поранешниот македонски репрезентативец.

Животот нуди убави работи, но и некои што не можеме да ги предвидиме. Со таква се соочи и Мемеди, кој имаше тешка сообраќајна незгода во Турција, во која во два наврата го враќаа во живот.

– Тоа се случи во 2007 година, јас не се сеќавам на ништо околу сообраќајката. Фудбалот понекогаш носи нешто неочекувано. Добро е што имав пријатели. До ден-денес, не знам како се случи сето тоа. Ме зеле и ме однеле во најблиската болница во Бакирој. Ми кажаа дека речиси еден час ме ваделе од возилото. Пет дена бев во кома, двапати срцето ми застанало, поради што морале да ме реанимираат. Знаете, секогаш ви требаат пријатели, а мене токму тие ме вратија во живот, бидејќи голем дел од персоналот во болницата го познавам. Тоа нема да го заборавам никогаш. Можам да кажам дека сум жив благодарение на фудбалот, здрав организам, кој придонесе брзо да се рехабилитирам. Тоа беа најтешките моменти во мојот живот, никому не му посакувам да му се случи тоа – раскажа Мемеди со насолзени очи.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ