Осомничени нови 19 лица: Проширена истрагата за трагедијата во Кочани

68

Проширена е истрагата за трагедијата во Кочани со 19 нови лица, информираше Обвинителството. Тие биле повикани на информативен разговор и поголемиот дел од нив се поранешни функционери и челници на институции. Тие се сомничат за „тешки дела против општата сигурност“.

„Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат. Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа…“, велат од Јавното обвинителство.

Полицијата ги повикала министрите за економија од 2012-та година па навака, со исклучок на актуелниот министер Бесар Дурмиши, како и претходникот Крешник Бектеши на кого му е одреден притвор. Меѓу нив е Дритон Кучи кој сѐ уште е актуелен амбасадор на земјава во Норвешка и напиша дека дознал од семејството дека бил побаран од полицијата.

„Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред.“, напиша Кучи.

Другите двајца поранешни министри се Ваљон Сарачини и Беким Незири.

Дел од медиумите пишуваат дека полицијата ги повикала и новоименуваниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Џеват Сељами, но и оние кои претходно биле на позицијата – Аднан Џаферовски и Шабан Салиу, кој сега е министер без ресор. Истрагата го опфатила и екс директорот на Пазарниот инспекторат, Виктор Дерменџиев.

Досега за трагедијата во Кочани се осомничени 45 физички и три правни лица. Меѓу нив се градоначалници на Кочани, екс директорот на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски и пазарни инспектори, седуммина полицајци, лица од дискотеката и обезбедувањето… Во притвор е и поранешниот државен секретар Размена Цекиќ и други вработени во Министерството за економија.

ИЗДВОЕНИ