Основците од Аеродром без мобилни телефони на настава

202

Општина Аеродром донесе препорака, во текот на наставата, учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта да не ги имаат мобилните телефони кај себе и да не ги користат.

– Се препорачува учениците, при влегувањето во училиштата, да ги оставаат своите мобилни апарати во посебно означени кутии, сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде што ќе можат да ги земат по завршувањето на наставата. Доколку увидат дека некој ученик поседува уште еден телефон, вработените во училиштата можат да го одземат и да им го вратат на родителите или на старателите – известуваат од локалната самоуправа.

Ваквата препорака е донесена по спроведените консултации со директорите и со стручните служби во училиштата, по што Општината повела иницијатива, која наишла на поддршка од училишните одбори и од советите на родители.

– Сакаме да ги заштитиме нашите ученици од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини, кои секојдневно се шират по одредени социјални мрежи и кои, за жал, се пресликуваат во нашата реалност. Исто така, очекуваме учениците со поголемо внимание и фокусираност да ги следат предавањата на часовите, со што ќе се подобри образовниот процес, и да развијат поголема социјализација и емпатија меѓу себе, со што ќе се избегнат потенцијалните мобинг и меѓуврсничко насилство – потенцираат од Општина Аеродром.

Претходно, и Општина Центар донесе ваква препорака за учениците во основните училишта на нејзина територија.

ИЗДВОЕНИ