Младите не сакаат да се занимаваат со земјоделство, не се мотивирани да работат во земјоделството, бидејќи нема заработувачка. Единствени што заработуваат во државата се трговците. Доматите се откупуваат по 40 денари, а се продаваат за над 100 денари, оризот се откупува по 30, а се продава по 100 денари за килограм, значи 70 денари одат во џебот на трговците. Земјоделските експерти велат дека во државата се врши грабеж на земјоделците и на граѓаните и апелираат државата што поскоро да го утврди максималниот процент на заработувачка на трговците. Велат дека како резултат на лошата земјоделска политика, увозот на земјоделски производи што сами можеме да ги произведуваме изнесува над 1 милијарда евра.
– Се доведовме во ваква ситуација поради тоа што не го ценевме трудот на земјоделците. Како може оризот да се откупува по 28-30, а да се продава по 100 денари за килограм? Значи, 70 денари одат во џебот на трговците. Поради тоа, големите маркети остваруваат профити од 30 до 35 милиони евра и се богатат на грбот на земјоделците и на граѓаните. Се оди со високи маржи, кои за некои производи се и до 100 отсто. Државата има механизми за да контролира по која цена се увезуваат, а по која се продаваат производите. Во државата веќе нема плата што може да ги покрие основните животни трошоци. Ние имаме најскап леб во Европа, а најниски просечни плати – изјави за ВЕЧЕР Илија Каров, земјоделски експерт и универзитетски професор.
Според него, за да се мотивираат младите и за да се зголеми производството, државата мора да донесе законско решение со кое ќе се забрани да се продаваат производите под производната цена и плус 30 отсто добивка за производителот.
– На производите што се увезуваат треба да им се стават повисоки увозни давачки, со тоа што трговците нема да имаат сметка да ги увезуваат и да ги продаваат на домашниот пазар. Во тој случај, домашните производи ќе бидат поконкурентни. Мора да се направи нешто за да се спречат трговците да ставаат 100 отсто маржа и да се богатат на грбот на земјоделците – објаснува Каров.
Од Националната земјоделска мрежа велат дека главна причина за ваквата состојба се законските решенија, кои го штитат крупниот капитал на штета на земјоделците и на граѓаните. Тоа се случува во сточарството, полјоделството, лозарството…Така, на пример, додека винарниците бележат енормни профити, лозарите едвај ги покриваат трошоците.
– Ако сакаме да ги канализираме проблемите, треба да се донесат законски решенија со кои ќе се утврди максималниот процент на заработувачка на трговците и на тој начин ќе се спречи грабежот на земјоделците и на граѓаните. Исто така, треба да се преземат мерки за ограничување на трговските маржи на репроматеријалите што се користат во земјоделското производство. Мора да го штитиме домашното производство и не може да се увезува сè и сешто – изјави за ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Вели дека и покрај тоа што сме членка на ЦЕФТА, мора да го штитиме домашното производство. Другите земји што се членки имаат механизми за заштита на домашното производство и не може она што се произведува да се увезува во енормни количини.
Каракашев вели дека кај домашната храна може полесно да ги контролираме нејзините квалитет и безбедност.
(A.С.)