Откупот на оризовата арпа од минатогодишната реколта е во застој, а земјоделските производители од кочанскиот регион се револтирани што не се почитува договорот, постигнат во ноември, за пласман на произведените количини и принудени се да ги чуваат во домашните амбари.
За надминување на состојбата бараат нова средба со ресорниот министер, а во спротивно се закануваат со протести.
-Уште од август минататa година нема откуп. Имавме неколку средби со министерот, но после секој разговор состојбата уште повеќе се влошуваше. Очигледно е дека се прави манипулација со нас, па и со откупувачите. На средбата со министерот беше договорена мерка на откупните претпријатија да им се исплаќаат по 6.000 денари за откупен тон арпа, ама таа не се почитува и не е откупен ниту еден килограм. Мислиме дека министерот ги прави сите манипулации, верувавме во него, но ќе излезе дека е најлош досега. Производната цена е пресметана на 26 денари за килограм, а нам ни нудат да го откупат под тој износ. Откупувачите се жалат дека имаат нарушени пазари во Србија, Косово и регионот, истакна Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.
Откупните цени што им се нудат на оризопроизводителите се на нивото што го имале пред пет години, така што со порастот на трошоците на производство не можат да ги покријат ниту основните давачки.