
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и францускиот претседател Емануел Макрон утре во Париз ќе разговараат за Украина, соопшти денеска портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач, истакнувајќи дека средбата се одржува на покана на Макрон.
Разговорот меѓу Орбан и Макрон ќе се одржи помалку од 24 часа пред итниот состанок на 27-те лидери на ЕУ во четврток во Брисел, на кој тие ќе разговараат за начините за подобрување на безбедноста на Европа по најавеното американско воено повлекување од континентот и одлуката на Доналд Трамп да ја прекине воената помош за Украина.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави план за позајмување до 150 милијарди евра, а парите ќе бидат доделени на земјите-членки на ЕУ за зголемување на воените трошоци бидејќи тие се соочуваат со ревизија на нивната одбранбена инфраструктура без американска поддршка, пишува Политико.
Макрон се обиде да ги води европските напори за зголемување на единството како одговор на потезите на Трамп и организираше две средби во Париз со сојузничките земји.
Од друга страна, Унгарија постојано се обидуваше да ги блокира заедничките европски напори за поддршка на Украина, поради што Орбан не беше поканет на ниту една од тие средби.
Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо повикаа на директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин и се противат на европските безбедносни гаранции и нова воена помош за Украина.