Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека земјата нема да стане емигрантска земја, што и да прави Брисел. Орбан истакна дека од 2015 година, кога беше „врвот на мигрантската криза“, Унгарија постојано повикуваше на заштита на надворешните граници на Европската унија.
„Наместо кукање и избегнување одговорност, земјава длабоко вдиша, подигна ограда и ги запре мигрантите. Унгарците застанаа во одбрана на нивните интереси и не станаа земја на емигранти и нема да станат, што и да прави Брисел. Унгарија им припаѓа на Унгарците, точка“, изјави Орбан во интервју за Радио Кошут, пренесува МТИ.
Орбан рече дека е уверен оти Европската комисија ќе и компензира на Унгарија за трошоците за заштита на надворешната граница на ЕУ од илегалната миграција, објави Ројтерс.
Унгарија ја затвори главната транзитна рута низ Унгарија за стотици илјади баратели на азил кои бегаа од војната и сиромаштија во 2015 година, зајакнувајќи ја поддршката меѓу своите сограѓани, но предизвика критики од многу сојузници на ЕУ.
„Унгарија мора да добие компензација за тоа колку не чинеше заштитата на границите“, рече Орбан, пренесува Танјуг.
Шефот на кабинетот на Орбан вчера изјави дека Унгарија е подготвена да ја тужи Комисијата за трошоците за заштита на границите, кои Будимпешта ги проценува на две милијарди евра, пренесе Ројтерс.
Во јуни, највисокиот суд на Европската унија пресуди дека Унгарија мора да плати казна од 200 милиони евра затоа што не ги спроведува промените во политиката за третман на мигрантите и барателите на азил на нејзината граница, одлука што Орбан во тоа време ја нарече срамота.
„Сега има само уште еден чекор што треба да го направат западноевропските лидери, интелектуално тоа не е особено тешко: ако тие (лидерите) кажат дека границите мора да се заштитат, тогаш оние што всушност ги штитат границите не треба да бидат казнети поради тоа“, додаде Орбан.