Во еден многу важен момент, кога како што рече унгарскиот прмеиер Виктор Орбан, три години живееме во сенката на војната, македонската и унгарската Влада во Будимпешта го одржаа вториот меѓувладин самит на чело со двајцата премиери. Пораки за искрено пријателство и силна соработка испратија Орбан и неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, кој заедно со владината делегација, во Будимпешта, на платото во кралскиот дворец од страна на унгарскиот премиер беше пречекан сo интонирање на националните химни и со највисоки државни и воени почести. Орбан порача дека Македонија може да смета на поддршката од Унгарија на нејзиниот евроинтегративен пат и упати критики до земјите членки на ЕУ затоа што процесот на зачленување на земјава во Унијата трае премногу долго. За тоа не е одговорна Македонија, рече Орбан, туку членките на Европската Унија.
– Не само што е срамно што овој процес толку бавно оди напред, а за тоа не е одговорна Македонија, туку ние, членките на Европската унија. Затоа ние го поддржуваме залченувањето на Македонија. Еврппската унија мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето. Досега секое проширување на Европската унија донесе само добро, рече Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски и посочи дека Македонија и Унгарија во ОН претставуваа заедничко стојалиште и го поддржаа американскиот предлог за резолуцијата за Украина, што на крај беше прифатено и од Советот за безбедност. Орбан го потенцираше и раздорот во транатлантските односи.
Најголемиот морален долг на ЕУ е кон Македонија, рече Орбан.
-Унгарија без да си ја потцени својата сила и тежина, треба да си признае дека ова однесување на ЕУ сама не може да го измени. Она што можеме да го направиме е што повеќе да соработуваме со Македонија, што не е замена за интеграцијата, но може да се смета за утешна награда за на овој начин да обезбедиме можност за изградба на заеднички редион со Србија и со Македонија, рече Орбан.
Македонија ја чува и границата на ЕУ од мигрантите
Унгарскиот премиер потенцираше и дека трговската размена постојано расте и дека од 2010 година досега е седумпати зголемена.
– Македонија и Унгарија заедно со Србија припаѓаат на иста економска регија. Според нас, овој простор може да биде заедничка економска зона каде што соработката може да донесе огромен еконосмки потенцијал. Проблем е тоа што ние сме во Европската унија, а овие две држави се надвор од Унијата. Што можеме да направиме? Можеме да изградиме најинтензивни билатерални односи, рече Орбан.
Унгарскиот премиер додаде дека при разговорите на делегациите големо внимание било посветено на прашањето на миграцијата, а Унгарија и е благодарна на Македонија за тоа дека чувајќи ја својата граница, им помагаат и на нив.
Во однос на тоа што разговарал со американскиот претседтаел Доналд Трамп, Орбан рече дека откако во САД победија патриотите, во Европа се зајакнале стремежите за дестабилизација, а најзасегнати, како што рече, се Србија, Унгарија и Словачка, земји кои имаат патриотски влади.
Македонските граѓани платија огромна цена
Македонскиот премиер, пак, рече дека на средбите е потврдено високото ниво на односите кои што постојат помеѓу двете држави и истакна дека наша стратешка цел како држава е да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна.
-Но исто така мораме да потенцираме дека тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата во која беше пред 20 години, е бесценето – односно, цената е толку голема што не може да се утврди. Бидејќи зборуваме за билатеризација на процесот на преговори, а не на европеизација. Се надевам дека конечно овој процес и за нас ќе биде откочен со голема поддршка од наша пријателска Унгарија и дека и ние како држава ќе почнеме да преговараме. Јас сум убеден дека многу скоро, доколку имаме можност да ги отпочнеме тие преговори на основа на вистински копенгахешки критериуми, да ги завршиме успешно и да бидеме дел од ЕУ, рече Мицкоски.
Тој рече дека мора да останеме оптимисти и да се бориме во иднина да ја реализираме таа наша цел, иако како што рече, сме свесни дека тука има и малку домашна вина.
-Нашите домашни корумпирани политичари, мислејќи дека Брисел ќе им ја заборави корупцијата, влегуваа во занес и ја влошуваа преговарачката позиција. Оваа влада нема намера да прави компромис со таков тип на прашања. Ние сме влада која ги почитува преземените обврски, но исто така очекуваме и другите, без разлика на нивната големина, да ги почитуваат своите преземени обврски. Кога едната страна почитува, а другата не, тоа не е пријателство, рече македонскиот премиер.
Премиерот посочи дека со Орбан разговарале и за целокупната поддршка која што Македонија ја добива од унгарската влада, вклучувајќи ја и финансиската помош.
-Сретства кои што се користат за изградба на патишта, булевари, училишта, градинки. Практично, со тие средства ја модернизираме државата. Она што исто така е многу важно е дека на денешната владина седница стана збор за идна уште подлабока меѓудржавна соработка во делот на инфраструктурата, но исто така министрите меѓу себе, посебно министрите за внатрешни работи и за одбрана разговараа за идна можна воена соработка односно развивање уште подлабоко на воените индустрии на двете земји, а зошто да не вмрежување и настап на трети пазари, рече Мицкоски.
Во обраќањето, македонскиот премиер рече дека се фокусирани на исполнување на обврската да работат на просперитетот и животот на граѓаните и да обезбедат иднина.
-Имаме и резултати, денеска е објавен растот на БДП за 4-тиот квартал кој што е 3,2 проценти, и после оној во третиот квартал кој што беше 3 проценти, прави да годишниот раст на БДП биде 2,8 проценти, иако некој ни предвидуваше многу помал под 2 проценти. Добро е што во позитивна смисла ќе имаме такви разочарани личности кои што на својата татковина не и мислат добро. Но, тоа е нашата дополнителна инспирација заедно со братски народи пријатели, да работиме заедно во полето на економијата, да работиме заедно во насока на подобрување на животот на нашите граѓани, рече Мицкоски.
Акциски план
Пред заедничката прес-конференција, двајцата премиери вчера имаа тет-а-тет средба, по што се одржа заедничката пленарна седница на двете влади. Се разговарало за клучни прашања од заемен интерес, зајакнување на економската соработка, инвестициите, енергетиката, инфраструктурата и европската перспектива на Македонија, како и за случувањата и преговорите за војната во Украина.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски на фејсбук напиша „Отвораме ново поглавје во одбранбената соработка!“ Тој посочи дека оваа средба е уште еден чекор во градењето на побезбедна и посигурна иднина, затоа што „безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани не е само наша должност – туку е наша обврска“.
– Во рамки на унгарско – македонскиот владин самит, на средбата со мојот унгарски колега Кристоф Салај Бобровницки разговаравме за интензивирање на одбранбената соработка, која подразбира зајакнување на капацитетите, но и отвора нови можности при набавките за модернизација и опремување. Преку Планот за одбранбена соработка и Меморандумот за разбирање, кој е во завршна фаза, ја зацврстуваме довербата и градиме едно силно пријателство. Соработката во делот на воена едукација и обука, образование, размена на информации и изведување на заеднички вежби придонесува кон сето ова. Во јуни оваа година во Охрид ќе бидеме сведоци на изведувањето на заедничка вежба на нашите единици за специјални операции, објави на фејсбук министерот Мисајловски.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, напиша дека вториот ден од меѓувладиниот самит носи нови можности за соработка и заедно со Унгарија градиме посилни економски врски, пријателство и просперитет за нашите граѓани.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски објави дека во рамки на работната посета на Будимпешта, остварил средба со Левенте Магјар, државен секретар за парламентарни работи и заменик-министер во Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија. Претходно, на првиот ден од самитот, Муцунски имаше средба со неговиот унгарски колега Петер Сијарто, со кој потпишаа акциски план за размена на експертиза на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ.
По средбата, Сијарто ја потенцира поддршката што Унгарија и ја дава на Македонија за зачленување во ЕУ, и обвини дека „голем број држави лицемерно се однесуваат“.
-Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, но овој принцип треба да се применува кон сите. Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка на ЕУ и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ, рече Сијарто.
Во однос на евроинтеграциите Муцунски оцени дека земјата се наоѓа на клучен крстопат бидејќи и покрај донесените бројни тешки и невообичаени одлуки, со надеж дека ќе го оствариме сонот за приклучување кон европското семејство, ние се уште сме во чекалната на ЕУ.
-По сите тешки отстапки од наша страна и долгогодишните ветувања од европските партнери, сè уште се наоѓаме во чекалната, а пред нас е неизвесен пат, условен со уставни измени и низа други билатерални барања наметнати од нашиот сосед, Бугарија. Без оглед на сериозните предизвици со кои се соочуваме, сакаме да веруваме дека со максимално искористување на нашите политички и дипломатски капацитети, реално е остварлива целта што Европа ја поставува – до 2030 година да станеме рамноправен член на заедничкото, демократско и просперитетно европско семејство, рече Муцунски.
Двајцата министри се осврнаа и на конфликтот во Украина и обидите за негово решавање од новата аминистрација на САД. Сијарто нагласи дека двете земји се за мир во Украина што го покажале со поддршката на Резолуцијата на САД во ОН. Според унгарскиот министер, враќањето на мирот не е во интерес само на Македонија и на Унгарија, туку на сите бидејќи, како што рече, зајакнувањето на економијата на државите и на ЕУ зависи од мирот и од проширувањето на ЕУ во правец кон Западен Балкан.
Муцунски, пак, подвлече дека секој што мисли дека може да се најде решение за војна и конфликт со геостратешки импликации без учество на Соединетите Американски Држави има несериозен и неискрен пристап кон конфликтот при тоа нагласи дека надворешната политика на земјава се базира на три константи.
Ова е втора заедничка седница на владите на двете земји. Премиерите Мицкоски и Орбан ги предводеа владините делегации на заедничката меѓувладина седница што се одржа во септември лани во Охрид, на која беше потврдено стратешкото сојузништво меѓу двете земји и реафирмирана силната унгарска поддршка за нашата евроинтеграција. (В.С.Н.)